Либанскиот претседател Џозеф Аун синоќа изјави дека единственото решение за ситуацијата со која се соочува Либан е прекин на огнот со Израел што би довело до директни преговори меѓу двете земји, соопшти неговиот кабинет.
Аун изјави дека либанскиот предлог за прекин на огнот и преговорите почнува да добива позитивни реакции во меѓународните кругови, објави „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека Либан продолжува да води меѓународни разговори за ова прашање.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека им наложил на дипломатите што е можно поскоро да започнат директни разговори со Бејрут.
Израелски функционер изјави за „Тајмс оф Израел“ дека разговорите со Либан ќе продолжат без почетен прекин на огнот.
Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор го замоли Нетанјаху да го намали интензитетот на нападите на Израел врз Либан за да се обезбеди успех на преговорите со Иран, изјави денес висок функционер на американската администрација.
Мировните преговори се загрозени поради израелските напади врз Либан, кои се засилија по постигнување на примирјето меѓу САД и Иран, кое се договори откако Вашингтон го прифатил предлогот во 10 точки од Техеран, меѓу кои е и барањето Израел да ги прекине нападите врз Либан и другите сојузници на Иран.











