Камениот мост во Скопје како едно од најпрепознатливите обележја на главниот македонски град наскоро ќе добие ново осветлување кое ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Денес остварив протоколарна средба со делегација од турската Општина Есенлер и со раководството на Халкбанк АД Скопје, на која потпишавме Протокол за пријателство и заедничка соработка за имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост”, објави градоначалникот на град Скопје.
Делегацијата беше составена од заменик-градоначалникот на Општина Есенлер, Омер Четинкаја, членот на Советот на Општина Есенлер Орхан Вардар, главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје Фатих Шахбаз, членот на Советот на Град Скопје и член на Комисијата за меѓународна соработка Зекерија Бериша, како и почесниот конзул на Туркије Ајдован Адемоски.
На средбата присуствуваше и амбасадорот на Република Туркије, Н.Е. Фатих Улусој.
Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи ЛЕД светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што мостот ќе добие нова естетска димензија и уште посилно ќе го истакне својот историски идентитет.
„Упатувам искрена благодарност до Општина Есенлер за поддршката и посветеноста во реализацијата на овој значаен проект, како и до Халкбанк АД Скопје и до сите инволвирани институции и поединци кои придонесоа за неговата подготовка и реализација“, дополни Ѓорѓиевски.
Оваа соработка е уште една потврда за силните пријателски односи, меѓусебната доверба и заедничката посветеност во унапредување и зачувување на културното наследство на Скопје, се вели во објавата.













