Стапката на сиромаштија во Германија забележа рекорден пораст од 16,1 отсто во 2025 година, со што околу 13,3 милиони луѓе се евидентирани како сиромашни, се наведува во извештајот што денес го објави Здружението за паритетна социјална заштита, водечка асоцијација на хуманитарните здруженија во земјата.
„Општествените поделби во Германија се продлабочуваат. Во сиромаштија живеат 13,3 милиони луѓе, а стапката на сиромаштија се искачи на 16,1 отсто.“
„Истовремено расте јазот помеѓу регионите и демографските групи. Иако сиромаштијата генерално се зголемува, таа останува длабоко вкоренета меѓу постарите возрасни лица, жените и самохраните родители”, се истакнува во соопштението на Јоаким Рок, извршен директор на Здружението.
„Сведоци сме на сè подлабоко социјално раздвојување во општеството. Луѓето го чувствуваат тоа. Разгледувањето на дополнителни намалувања сега предизвикува страв и неизвесност. Ова им оди во прилог на популистите и екстремистите”, додаде тој.
Според дефиниција на Европската Унија (ЕУ), луѓето се сметаат за изложени на ризик од сиромаштија доколку нивните приходи се под 60 отсто од националниот просечен доход. Во Германија, тој праг изнесуваше 1.446 евра месечно за едночлено домаќинство и 3.036 евра за домаќинство со двајца возрасни и две деца под 14 години.
Во извештајот се наведува дека многу домаќинства тешко ги покриваат секојдневните трошоци, со оглед на тоа што 6,9 отсто од населението минатата година немало доволно приходи за покривање на редовните трошоци за живот, меѓу кои и повисоките сметки за енергија, како и замената на основните апарати за домаќинство.
Со стапка на сиромаштија што изнесува 19,5 отсто речиси секој петти жител на возраст од 65 години и постари е погоден од сиромаштијата. Кај жените над 75 години оваа бројка достигнува дури 21,3 отсто. Лицата што живеат сами се соочуваат со особено висок ризик од сиромаштија, кој изнесува 30,3 отсто, додека кај самохраните родители тој ризик е 28,9 отсто.
„Фактот што постарите лица по долг работен век и домаќинствата со деца се особено погодени, укажува на постојните недостатоци во системот на социјална заштита. Спроведувањето на дополнителни кратења не ги решава кризите, напротив, ги продлабочува, предупреди Рок.















