Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за 41-годишна жителка на Кратово која вчера беше лишена од слобода и за која се водат постапки за спречување на службени лица во вршење службени дејствија и узурпација на локалитетот „Камени кукли“, наоѓалиште е заштитено како природна реткост, во кратовското село Куклица.
„Осомничената подолг период, и покрај сите досега преземени мерки, продолжува да го узурпира локалитетот Куклица, кој со указ е прогласен за споменик на природата, да им наплаќа влезници на посетителите без правен основ, да се расправа со нив и да им се заканува, со што постојано го нарушува јавниот ред и мир“, соопшти Обвинителството.
Таа ги нападнала физички полицајците кои се обиделе да ја приведат.
„При последниот инцидент осомничената презела и дејствија на кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат“, кажа Обвинителството.
Јавниот обвинител го имал предвид и фактот дека против оваа осомничена веќе е во тек постапка за продолжено кривично дело узурпација на локалитетот „Камени кукли“, за кое ѝ беа изречени мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана да ја посетува локацијата, меѓутоа таа одбегнувала да го прими и да го почитува решението.
„Исто така, осомничената заедно со нејзиниот сопруг и претходно учествувала во дејствија на спречување службено лице во вршење службено дејствие, кон пазарни инспектори. Од тие причини кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и судот со решение ја определи притворската мерка“, соопшти Обвинителството.
Од МВР вчера информираа дека 41-годишната С.Д. е приведена попладнето на 2 август откако било пријавено дека физички нападната повеќе посетители на локалитетот „Камени кукли“.






















