Хрватска и Северна Македонија имаат стабилни и партнерски односи со високо ниво на усогласеност на ставовите, беше истакнато на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на двете земји во Загреб, Гордан Грлиќ Радман и Тимчо Муцунски. На средбата беше потврдена силната и континуирана поддршка на Загреб за европскиот пат на Скопје.
За време на разговорот беше нагласена важноста од продолжување на реформските процеси во Северна Македонија, како и понатамошно зајакнување на билатералната соработка преку идни заеднички проекти и стратешки иницијативи.
Исто така, беше нагласено дека двете земји, како сојузници на НАТО, дополнително го потврдуваат своето силно партнерство и соработка во соочувањето со заедничките безбедносни предизвици.
Министерот Муцунски на неговиот Фејсбук профил објави дека за време на разговорот била нагласена важноста од продолжување на реформските процеси во Северна Македонија, како и понатамошно зајакнување на билатералната соработка.
“Го поздравивме позитивниот тренд во билатералните односи и ја реафирмиравме заедничката определба за нивно понатамошно унапредување, со фокус на економската соработка, трговијата и соработката во повеќе значајни области. Изразив благодарност за јасната и континуирана поддршка од Хрватска за нашиот европски пат, нагласувајќи ја потребата од усогласен пристап на сите земји членки на Европската Унија, како и јасен исчекор кон проширување”, објави Муцунски.













