Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши упатија честитки по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам, праќајќи пораки за мир, солидарност и меѓусебна почит до верниците од исламска вероисповед.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.
„Дозволете ми Вам, лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот празник Курбан бајрам, со желба да го поминете во мир, радост и семејна благосостојба“, стои во честитката од претседателката.
Сиљановска Давкова наведува дека во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ.
Таа посочува дека Курбан бајрам, преку својата длабока симболика на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности важни за моралната зрелост на заедницата: човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот.
„Токму во способноста да се зачуваат и да се изразат љубовта и грижата за ближниот, дури и во мигови на разлики и предизвици, се препознава и се мери интегрираноста на општеството. Само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност, а не слабост, да станат мост, а не препрека, да прераснат во единство, надминувајќи ги поделбите. Честит Курбан бајрам“, напиша во честитката претседателката по повод Курбан Бајрам.
Претседателот на Собранието, Гаши, во својата честитка истакна дека Курбан Бајрам е празник на пожртвуваноста, хуманоста и блискоста меѓу луѓето, кој ги обновува вредностите на солидарноста, разбирањето и меѓусебната почит.
Порача дека празникот е потсетник за грижата кон другите, споделувањето добрина и поддршка, со желби до сите верници за здравје, благосостојба, душевен мир и среќа во семејствата.












