Туркије се спротивстави на тврдењата на Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со Сирија, наведувајќи дека изјавите имаат цел да ги оправдаат „незаконските“ израелски воздушни напади врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
„Несериозните обвинувања изнесени од Кабинетот на израелскиот премиер имаат цел да ги легитимираат незаконските израелски воздушни напади насочени кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија“, се наведува во соопштението на Дирекцијата за комуникации на Туркије.
Дирекцијата се огласи откако Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека Израел и Сирија се согласиле да одржуваат статус кво во безбедносните прашања, но тврдеше дека Сирија е „на раб да го прекрши договорот со тоа што ќе дозволи распоредување на турски војници во воздухопловна база во близина на Алепо“.
Претходно израелски воени авиони извршија осум воздушни напади врз пистата на воениот аеродром „Абу ал-Духур“ во северозападната сириска покраина Идлиб, при што беше предизвикана штета на неговата инфраструктура.
Анкара соопшти дека обвинувањата што се изнесуваат произлегуваат од намерата на Нетанјаху да ги продолжи своите „експанзионистички и дестабилизирачки политики“ во регионот во пресрет на изборите во Израел.
„Како и огромното мнозинство од меѓународната заедница, Туркије се залага за траен мир во нашиот регион. Единствен начин да се постигне тоа е Нетанјаху да се откаже од своите агресивни и присилни политики и да го почитува меѓународното право“, се вели во соопштението.
Анкара, исто така, ја потврди својата посветеност на соработката со сириската Влада за промовирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Сирија.
„Туркије одлучно ќе продолжи да соработува со сириската Влада на легитимна основа, со цел воспоставување мир, стабилност и просперитет во Сирија и никогаш нема да дозволи дестабилизација на Сирија“, се додава во соопштението.





















