Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари откако американскиот претседател Доналд Трамп го нарече одговорот на Иран на предлогот на САД за прекин на војната неприфатлив, предизвикувајќи загриженост за снабдувањето бидејќи Ормускиот теснец останува во голема мера блокиран.
Барел од суровата референтната глобална нафта од типот Брент се тргуваше по 103,19 долари во Лондон попладнево, што е за 1,90 долари или речиси два проценти повеќе од затворањето во петокот. Барел од американската референтна нафта Западен Тексас Интермедијат (ВТИ) се тргуваше по 96,98 долари во САД, што е за 1,56 долари или 1,6 проценти повеќе.
Брентот накратко достигна 105,99 долари за барел, а ВТИ 100,37 долари за барел утрово пред да се корегира пониско. Тргувањето од минатата недела се затвори со пад од шест проценти под влијание на надежите за крај на конфликтот и отворање на Ормускиот теснец за транзит на нафта.
„Тргувањето на пазарот на нафта продолжува да работи претежно како еден вид машина што ги обработува главните геополитички вести, при што цените брзо се менуваат врз основа на секој коментар, отфрлање или предупредување од Вашингтон и Техеран“, изјави вишиот пазарен аналитичар во компанијата Филип Нова, Пријанка Сачдева.
За понатамошни насоки, пазарот ќе го следи самитот САД-Кина оваа недела, на кој сега се префрла фокусот. Трамп треба да пристигне во Пекинг во среда, а според американските претставници, се очекува тој да разговара за Иран со својот кинески колега Кси Џинпинг, меѓу другото.
„И покрај смирувачките најави дека комуникацијата постои и дека преговарачките страни разговараат, наше мислење е дека САД и Иран се далеку од договор како кога започна ова наводно примирје. Не гледаме дека нешто ќе се промени пред Трамп да ја посети Кина и да побара помош од Пекинг за притисок врз Иран“, изјави аналитичарот на ПВМ Оил Асошиејтс, Џон Еванс.











