Во Министерството за транспорт на Северна Македонија се одржа седница на Заедничкиот комитет за патен транспорт меѓу Северна Македонија и Туркије, со што по повеќе од 12 години е обновен институционалниот дијалог во овој формат, соопшти Министерството.
Делегацијата на Туркије беше предводена од заменик-министерот за транспорт и инфраструктура, Думуш Унувар, и заменик-генералниот директор на Организацијата за транспортни услуги на Туркије, Хасан Боз, придружувани од претставници на надлежните турски институции.
Од страна на Северна Македонија, состанокот го предводеше заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи-Шаќири, заедно со претставници на секторите и единиците надлежни за патниот транспорт, товарниот и патничкиот превоз.
Според соопштението, за време на состанокот двете страни разговарале за развојот на секторот за патен транспорт, билатералната соработка, потребите на превозниците и можностите за понатамошно унапредување на транспортните и економските врски меѓу двете земји.
„Најзначаен резултат од состанокот беше потпишувањето на новиот протокол за патен транспорт, со кој беше договорено зголемување на бројот на дозволи за транспортни операции со трети земји од 1.300 на 1.500, како и зголемување на бројот на постојните дозволи од 3.150 на 3.500. Исто така, страните се договорија за размена на дополнителни 250 дозволи за 2026 година, со цел да се задоволат растечките потреби на превозниците и да се олесни движењето на стоките меѓу двете земји“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се додава дека двете делегации оцениле оти овие одлуки претставуваат важен чекор кон зајакнување на економската соработка и создавање поповолни услови за транспортниот сектор, придонесувајќи за зголемување на трговската размена и подобрување на поврзаноста меѓу Северна Македонија и Туркије.
„На состанокот беше истакнато дека двете земји уживаат одлични традиционални односи и силно партнерство во многу области, а беше изразена и заемна подготвеност за продолжување на дијалогот и соработката во функција на развојот на модерен, ефикасен и одржлив транспорт. Седницата на Заедничкиот комитет за патен транспорт ја потврди посветеноста на двете земји за продлабочување на институционалната соработка и унапредување на заедничките проекти и иницијативи во областа на транспортот“, се наведува понатаму во соопштението.














