Унгарија протерува десет руски дипломати кои биле вклучени во активности неприфатливи за дипломатите според Виенската конвенција, изјави во вторник министерката за надворешни работи Анита Орбан.
„Одлуката ја штити безбедноста и суверенитетот на Унгарија. Таа не подразбира прекин на дипломатските односи со Русија. Унгарија има намера да го продолжи потребниот дијалог, врз основа на меѓусебно почитување и почитување на правилата“, се додава во соопштението.
Анита Орбан не откри какви биле активностите, наведувајќи само дека тие ја прекршиле конвенцијата што ги дефинира правата, обврските и имунитетот на дипломатите.
Руското Министерство за надворешни работи одговори дека ќе возврати на Унгарија, наведувајќи дека одговорот на Москва ќе биде „многу суров и болен“ за Будимпешта, објавија руските новински агенции.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар, кој го заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан кон средината на годината, за време на својата кампања објави дека ќе стави крај на прорускиот курс на Унгарија.
Неговиот популистички претходник одржуваше блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин, дури и откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Под Орбан, Унгарија продолжи да купува Руската нафта и гас, ги блокираше санкциите на Европската Унија против Русија и го блокираше заемот од 90 милијарди евра од ЕУ за Украина.
По руската инвазија на Украина, бројни европски земји протераа десетици руски дипломати, додека Унгарија досега не протера ниту еден.





















