Кинескиот претседател Кси Џинпинг денес изјави дека Кина апсолутно нема да ја толерира независноста на Тајван, оценувајќи дека тоа е главен извор на тензии во Тајванскиот теснец.
Џинпинг се сретна со Ченг Ли-Вун, лидерката на опозициската партија Куоминтанг (КМТ) на Тајван, што е прва средба на кинескиот претседател со претставници на тајванската опозиција по речиси 10 години.
За време на состанокот во Пекинг, Џинпинг повика на зајакнување на политичката доверба и напредок кон „повторно обединување“.
Тој изјави дека без оглед на развојот на настаните во меѓународната ситуација, поширокиот тренд на зближување меѓу „сонародниците“ од двете страни на Тајванскиот теснец нема да се промени и оти Народна Република Кина сака да ја зајакне комуникацијата врз основа на заедничко отфрлање на независноста на Тајван.
Лидерот на КМТ, Ченг Ли-вун, изјави дека нејзината партија и Комунистичката партија на Кина треба да работат заедно за институционализирање на мирот од двете страни на Тајванскиот теснец. Таа, исто така, повика на поголем дијалог и соработка, вклучително и решавање на основните причини за конфликтот меѓу Тајпеј и Пекинг.
Последниот пат кога Кси се сретна со лидерот на прокинеската КМТ беше во 2016 година, кога Хунг Хсиу-чу го посети Пекинг.
Пекинг го смета Тајван за дел од Кина и покрај фактот дека Тајван има демократски избрана и независна влада од 1949 година.
Кина ги отфрли разговорите со претседателот на Тајван, Лаи Чинг-тео, кого го нарекува „сепаратист“.
Ченг отпатува во Шангај и покраината Џангсу претходно оваа недела, бидејќи нејзината партија во Тајван продолжува да го блокира проширувањето на воениот буџет.
Куоминтанг е најголемата партија во парламентот на Тајван и има мнозинство над Демократската прогресивна партија на претседателот Лаи Чинг-те, која Пекинг ја смета за сепаратистичка.
Посетата доаѓа и во време кога парламентот, контролиран од опозицијата, го блокира планот на владата за дополнителни 40 милијарди долари за купување оружје од САД.
Кина постојано се закануваше дека ќе го стави островот под своја контрола со сила доколку е потребно.
Администрацијата во Тајпеј ја повика Ченг да побара за време на неговата посета на Кина Пекинг да ги прекине заканите и да се вклучи во дијалог.
Посетата на Ченг на Кина веројатно ќе биде внимателно следена во Вашингтон, особено со оглед на планираната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на земјата кон средината на мај.










