Американскиот државен секретар Марко Рубио денес се сретна со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мухамед бин Зајед ал Нахјан, потврдувајќи ја посветеноста на САД за безбедноста на заливската земја по војната со Иран, објави „Си-ен-ен“, јавува Анадолу.
Покрај за Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, двајцата лидери разговараа за „напорите за обезбедување целосен и безбеден транзит низ Ормускиот Теснец, како и за важноста на мирот и стабилноста во регионот“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
„Секретарот се заблагодари на ОАЕ за нивното лидерство и невидената поддршка, ја пофали нивната храброст и издржливост при соочувањето со нападите на Иран, и ја потврди посветеноста на САД за безбедноста на Емиратите“, додаде Пигот.
Рубио замина од ОАЕ и предвидено е да ги посети Кувајт и Бахреин пред да се упати назад кон Соединетите Американски Држави.





















