| Macedonian
СВЕТ
4 мин читање
Пример за солидарност: Црква во Либан ги отвори вратите за раселените муслимани
„Дај Боже ова да биде последната војна за Либан. Доста е веќе со ова зло, со овие урнатини. Гледаме како ни пропаѓа народот, како младите ни гинат по улиците. Жално е за Либан. Половина век живееме во војна, време е конечно да најдеме мир.“
Пример за солидарност: Црква во Либан ги отвори вратите за раселените муслимани
Пример за солидарност: Црква во Либан ги отвори вратите за раселените муслимани / AA
пред 15 часа

Црквата „Свети Батрус“, која се наоѓа во гратчето Џизин во јужниот дел на Сајда во Либан стана топло засолниште за околу 40 либански муслимани што беа принудени да ги напуштат своите домови поради израелските напади.

Од кобниот 2 март, кога сенката на нападите се надвисна над Либан, околу 1.500 луѓе го загубија животот, а повеќе од еден милион и 162 илјади луѓе останаа без дом, принудени на бегство.

Во Либан, земја со богат религиозен и етнички мозаик, војната најсилно ги погоди муслиманите на југот.

Принудени да ги остават своите домови, работата и земјата на која израснале, голем број Либанци се раселија во други градови.

И додека многумина се обидуваат да се изборат за нов живот кај своите роднини, засолнети во училиштата или под платната на шаторите, црквата „Свети Батрус“ во Џизин ги отвори своите врати за околу 40 раселени муслимани, испишувајќи една убава приказна за човечката солидарност.

„Тие не се бегалци, туку наши гости од различна религија“

Отецот Батрус Акури по велигденската литургија, со очи полни надеж, за Анадолу изјави дека копнее за крај на уништувањето и повторно закрепнување на земјата.

„Дај Боже ова да биде последната војна за Либан. Доста е веќе со ова зло, со овие урнатини. Гледаме како ни пропаѓа народот, како младите ни гинат по улиците. Жално е за Либан. Половина век живееме во војна, време е конечно да најдеме мир“, рече отецот.

За луѓето што побарале спас во неговата црква, тој раскажа: „Тие не се бегалци. Тие се наши либански гости, само со различна вера. Тоа е вистинската порака на Либан. Изворот од кој пиеш вода не те прашува за верата или бојата на кожата. Кога ги отворивме вратите на храмот ги отворивме за сите Либанци. Можеби политички мислиме различно, но во човечноста и во љубовта кон татковината сме едно.“

Отец Акури, посочувајќи дека во црквата моментно престојуваат 39 муслимани, рече:
„Топло ги примивме уште од првиот ден на војната, од 2 март. Живееме заедно, ги споделуваме и радоста и мирот под овој ист покрив. Се надевам дека овој наш соживот ќе биде светол пример за идните генерации. Сакаме да докажеме дека и покрај сите наши различности, може да живееме заедно.“

Акури, кој живее во регион што е во непосредна близина на точките каде што израелските напади се најжестоки, со горчина истакна:

„Либанскиот народ веќе стана имун на сè. Дојдовме до тој степен што би се зачудиле ако помине макар еден ден без да го слушнеме звукот на воените авиони.“

„Уморни сме од бегање“

Дарин Изедин, кој дошол од Дејр Канун ен-Нехр, низ солзи ја раскажува својата голгота:

„Преморени сме од војни. Само што ќе застанеш на нозе, повторно те прогонуваат. Овде ни обезбедија сè, се чувствуваме спокојно, фала Богу. Но срцето на човекот си го бара домот, работата, својот живот. Со години сме во оваа неизвесност.“

„Ова е чиста човечност. Како да сме во свој дом. Не нè гледаат како туѓинци, туку ни велат: 'Ова е ваша куќа',“ го опишува престојот во црквата.

„Нема поделба меѓу сунити, шиити и христијани“

Мухамед Муенис, потсетувајќи се на кобната ноќ кога започнале нападите, раскажа како во огромна паника морале да го напуштат својот крај:

„Спиевме, кога одеднаш, околу еден часот по полноќ, целата област се разбуди од заглушувачки татнеж. Децата плачеа; од сите страни ечеа експлозии, пукотници и звуци од жестоки судири. Како и сите други, набрзина го собравме најнеопходното и тргнавме во бегство кон Сајда.“

Зборувајќи за болката што ја почувствувале напуштајќи го својот дом и сè што познаваат, Муенис раскажа:

„Стигнавме во Сајда дури попладне околу 3 часот, придружувани од плачот на децата и со страв во коските. Цел пат баравме место за да преноќиме, им се јавивме на пријатели, на познајници. Состојбата беше очајна. Со кого и да разговаравме, ни бараа високи суми за обичен покрив над главата.“

Тој објасни дека по многу маки успеале да стигнат до Џизин, благодарение на тоа што сестрата на неговата сопруга го познавала отецот. Истакнувајќи го огромното гостопримство што го дочекало во црквата, Муенис упати силен апел до сите политички и верски чинители во земјата – да се обединат околу заедничкиот именител: тоа што се Либанци.

„Никогаш не сме почувствувале состојба на вистински мир“

Лилијан Хамдан, пак, раскажа дека звукот на воените авиони бил нивното секојдневие дури и пред официјалниот почеток на нападите:

„За нас војната, всушност, никогаш и не заврши. Дури и кога ќе кажеа дека е готово, нападите и прелетувањата на авионите продолжуваа. Вистински мир, во буквална смисла на зборот, ние никогаш не сме доживеале.“

Лилијан, која по почетокот на нападите со своето семејство се засолнила во црквата, со благодарност додаде:

„Ниту еден единствен ден не почувствувавме лош поглед или лош збор. Овде не ни дозволуваат да ја почувствуваме поделбата меѓу христијаните и муслиманите; овде пред сè се ставени солидарноста и човечноста.“

ИЗВОР:AA
Повеќе
Ердоган му рече на Пезешкијан дека разговорите меѓу САД и Иран треба да обезбедат траен мир
Путин предложи Велигденско примирје, Зеленски го прифати
Почнува целосната примена на ЕЕС системот за влез ЕУ
Моџтаба Хамени: Управувањето со Ормускиот Проток ќе влезе во нова фаза
Мерц: Нема да го ограничиме користењето на воените бази од страна на САД
Фидан: Да продолжи примирјето во Иран, можна е саботажа на Израел
Трамп со „ултиматум“ до европските сојузници за обезбедување на Хормускиот Проток
Иранска делегација отпатува за Пакистан на преговори со САД
ОН: Се влошува трговијата со деца при конфликтот во Јужен Судан
Русија и Украина разменија останки на загинати војници
Иран издава алтернативни транзитни правци во Ормускиот теснец поради страв од мини
Пезешкијан: Израелските напади врз Либан ќе ги направат преговорите со САД бесмислени
Турски брод за дупчење пристигна во Сомалија за прва мисија во длабоко море во странство
Иранска хакерска група тврди дека го пробила телефонот на поранешниот израелски началник на армијата
Дуран: НАТО мора да се трансформира за да се соочи со предизвиците на модерното структурно војување