Естонија ќе ги затвори сите гранични премини со Русија од 1 декември, изјави во недела министерот за надворешни работи на балтичката држава по сомнителниот обид за саботажа врз естонска одбранбена компанија, за што Талин ја обвини Москва.
Естонските власти приведоа осум лица во текот на ноќта во неделата под сомнение за обид за палење на Треод Системи (Threod Systems), производител на дронови. Според естонските власти, нападот бил нарачан од руската воена разузнавачка служба ГРУ.
„Русија мора да разбере дека непријателските дејствија кон Естонија имаат последици“, напиша министерот за надворешни работи Маргус Цахкна во објава на социјалната мрежа X.
Тој не прецизираше колку долго ќе бидат затворени граничните премини или дали е одреден датум за нивно повторно отворање.
Естонија, членка на НАТО и Европската Унија и силен поддржувач на Украина, моментално има три отворени гранични премини со Русија: Нарва, Лухамуа и Коидула, кои дозволуваат пешачки и товарен сообраќај, објави естонскиот јавен радиодифузен сервис EРР.
Русија редовно ги отфрла обвинувањата од европските власти за нејзина вмешаност во саботажни операции.
„Русија ќе ја потврди точноста на информациите за намерата на Естонија да ги затвори сите гранични премини меѓу двете земји“, изјави во недела портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова рече дека ако Естонија навистина планира да ги затвори сите премини, таквата одлука би била „уште една манифестација на агресивна русофобија“, објави азербејџанската новинска агенција АПА.













