| Macedonian
БАЛКАН КАСТ - Дали треба да се врати задолжителниот воен рок?
00:00
00:0000:00
Регион
БАЛКАН КАСТ - Дали треба да се врати задолжителниот воен рок?
Во земјите од регионот сѐ повеќе се говори за враќање на задолжителниот воен рок. Србија и Хрватска од почетокот на годината веќе ги променија моделите на служење на воениот рок.
25 март 2026

Добредојдовте во новата епизода на Балкан Каст, подкастот на ТРТ Балкан

Наш денешен гостин е политикологот Виктор Јакимовски. Добредојдовте во подкастот. Да започнеме со првото прашање: што ги поттикна земјите од регионот да размислуваат за промена на начинот на којшто ќе се регулира служењето на воениот рок? Да се фокусираме на почетокот на примерот на земјите како Србија и Хрватска и како тоа потоа ќе се рефлектира на останатите земји од регионот.

Виктор Јакимовски: Христијан, пред сѐ благодарам на поканата и поздрав до вашите гледачи. Она што ги поттикна земјите од регионот можеби можеме да го согледаме во случувањата, ајде да се навратиме наназад, уште од 2008 година, кога Русија одлучи да влезе во Грузија (ситуацијата со Абхазија и Јужна Осетија). Тогаш во Европа сериозно почна да се размислува, или барем некои земји почнаа да размислуваат, дека веќе како да привршува тој „сон за крајот на историјата“ што Фукујама го нарече, и почнаа да размислуваат за еден нов концепт на тоа како ќе се бранат.

Тоа особено се интензивираше во 2014 година со ситуацијата со Крим, и еве сега, кога ескалираше ситуацијата во 2022 година повторно помеѓу Русија и Украина. Случувањата коишто се поблискиот или подалечниот регион, отвораат едни оправдани прашања кај јавноста, кај безбедносните експерти и кај воените старешини — дека можеби концептот на колективна одбрана треба повторно да се стави во фокусот. Балканот, како што важи за „буре барут“, секогаш ако некаде почне да чади, тука почнува да мириса на барут. Стравувањата можеби тука се оправдани бидејќи се работи за регион кој има динамично минато и специфични односи помеѓу соседите.

Христијан Станоевиќ: Како враќањето на задолжителниот воен рок ќе влијае на младите, пред се во поглед на еден динамичен пазар на труд, промени коишто доаѓаат со примената вештачката интелигенција, оној недостиг на вештини коишто многу често приватниот сектор го наведува како причина за оној јаз меѓу работната сила и понудените работни места. Дали воведувањето на  задолжителен воен рок може да ги помести тие процеси на обука на младите во поглед на вештините за пазарот на трудот?

Виктор Јакимовски: На ова би одговорил со еден мој личен пример. Јас сум млад човек, имам 28 години. Кога дојдов како студент во Скопје, можам да кажам дека транзицијата од средношколец кон студент ми беше предизвик. Јас не сум генерација која служела воен рок, но тие три години во поглед на создавање дисциплина и животни вештини — како да си подготвиш оброк сам или оние „ситни работи“ по дома — ми беа тешки бидејќи дојдов како недисциплинирана личност и морав тоа да го научам ајде да речеме на на потешкиот пат.

Виктор Јакимовски: Следствено на тоа, верувам дека војската кај младото население (без разлика што денес и женското население може да служи војска), од тој аспект создава еден концепт на дисциплина, подготвеност, ладнокрвност и соочување со животот. Доколку тоа го пренесеме во однос на врската помеѓу работодавач и вработен, мислам дека секој работодавач би бил задоволен од таков тип на вработен кој ќе знае дека нема да му доцни на работа, на кој ќе може да му се довери и кој ќе може да го истрча она што Американците го нарекуваат „extra mile“.

Виктор Јакимовски: Исто така, воениот рок создава посебна љубов кон државата и еден вид патриотизам кој дополнително придонесува кон кохерентност на една група во општеството. Во македонски услови, кога во една касарна ќе ставите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, со тој процес можеби ќе бидат надминати некои предизвици кои ги имаме денес како општество.

Христијан Станоевиќ: Еден од моделите за кои се размислува во повеќе европски земји е враќањето на предметите за она што порано се нарекуваше „Општонародна одбрана и цивилна заштита“. Дали може тоа да биде надоместување на потребата од задолжителен воен рок и дали тие вештини се доволни за надоместување на тие предизвици?

Виктор Јакимовски: Знаете, мене тоа ми изгледа како многу комунистички концепт и враќање во минатото. Јас не се согласувам со тоа. Можеби предметот физичко образование би можел да се реосмисли со некои такви елементи, но мислам дека нема да го постигне истиот ефект. Дури и мининалното служење воен рок, три месеци воен рок каде што ќе учите преку пракса е многу поефикасно и многу повеќе ќе научите, отколку некој професор во средно да ви кажува како да се браните од потенцијален напад. Воениот персонал е многу пообразован и поискусен за такви работи.

Христијан Станоевиќ: Има ли увид во македонските касарни? Какви се условите на терен по укинувањето на задолжителниот воен рок? Многу капацитети се одамна заборавени и затворени. Дали државата има средства и буџет за да ја прими првата класа кадети и колку време ќе биде потребно за тоа?

Виктор Јакимовски: Министерството за одбрана и самите армии не можат да бидат толку транспарентни како другите институции, што е разбирливо поради безбедноста. Но, од јавно достапните информации и она што го соопштуваат аналитичарите, ситуацијата е на „средно ниво — средно жалосно“. Мислам дека доколку државата одлучи да влезе во таков процес, во нормални околности би биле подготвени за 9 до 18 месеци. Ако утре се одлучи, до средината на 2027 година државата би била подготвена.

Виктор Јакимовски: Во однос на средствата — буџетот е ограничен. За некаде да се даде, ќе треба од некаде да се скрати. Јас претходно наметнав една теза: на малите општини кои едвај преживуваат и чиј буџет оди само на плати за администрација, да им се укине статусот и да се припојат кон поголемите. Со кратење на таа администрација, државата би заштедила средства кои би се пренамениле во одбраната.

Христијан Станоевиќ: Македонското членство во НАТО ги исполни очекувањата за оние обврски од 2% од БДП за одбрана. Дали со вклучување на повеќе регрути можеби би ги исполниле оние очекувања на претседателот Трамп за 5% издвојување од БДП? Дали е тоа реалистично сценарио?

Виктор Јакимовски: Мислам дека не мора да значи. Италија пред две години изјави дека ни до 2031 година не може да ги исполни ни тие 2%. Доколку големите економски држави едвај исполнуваат 2%, што останува за 5%? Таа бројка е можеби еден вид „памфлет“ за преговори на сојузниците со САД во рамки на НАТО. Бројката од 5% е малку нереална во овие околности, но доколку се појави уште поискал на закана од Украина за самата Европа, тогаш не се нереални бројки. Германија веќе одвои рекорден буџет и почна со сериозно вооружување и модернизација.

Христијан Станоевиќ: Како што го почнавме разговорот, така и да го завршиме. Тоа што го иницираа Србија и Хрватска, како мислите дека ќе се рефлектира на останатите во регионот? Дали ќе биде повод за реформи и вклучување поголем број регрути?

Виктор Јакимовски: Тоа ја отвора познатата „безбедносна дилема“. Никој не се вооружува туку-така само за одбрана. Ако вие сте мој сосед и правите нешто, морам и јас да го правам истото. Тоа ќе се прелее на целиот регион. Во балкански околности тоа е веќе познат рецепт. Србија всушност го имаше само суспендирано воениот рок, па нивната законска регулатива за враќање беше полесна. Кај нас ќе биде потешко: ќе треба нова законска регулатива, логистика и обезбедување регрути. Тоа кај нас би било „фаза плус“.

Кај нас во Македонија не сум сигурен за процентите. Пред неколку години анкета покажа дека 34% од машкото население е подготвено да ја брани државата, но и тие 34% ми се сомнителни. Кај нас срамежливо се тестира пулсот. Сметам дека треба да се отвори широка јавна дебата со безбедносни експерти и воени старешини за да се види дали треба да одиме во тој правец.

Христијан Станоевиќ: Ти благодарам за разговорот.

Виктор Јакимовски: Благодарам за поканата.

Христијан Станоевиќ: Благодарам што ја слушавте новата епизода на Балкан Каст. До следната епизода — останете информирани.

Слушни повеќе
Дневни блиц вести 02.04.2026
БалканКаст: Како вештачката интелигенција го менува македонскиот јазик?
БалканКаст: Партнер или сосед? Како дигиталната Шенген бариера го „закочи“ Западен Балкан
БалканКаст - Подемот на турската одбранбена индустрија
БалканКаст: Три балкански држави го делат, но кој ќе го спаси Преспанското Езеро
БалканКаст: Како геополитиката ќе ја обликува македонската брза пруга
Негативниот наратив кон мигрантите и бегалците му штети на јавниот интерес
БалканКаст: Македонскиот поет кој ја опеа болката на Палестинците
БалканКаст: Зошто спортските дресови се хит на аукциите
БалканКаст: Пораките кои папата Франциско ги остави во регионот