Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави дека пресудите на Специјализираните совети на Косово мора да се почитуваат, по изрекувањето на долгогодишни затворски казни за воени злосторства на поранешни лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
„Специјализираните совети на Косово се непристрасно и независно судско тело. Нивните пресуди мора да се почитуваат, а осудените имаат право на жалба“, напиша Кос на социјалната мрежа X.
Кос нагласи дека станува збор за индивидуална одговорност и правда за жртвите и нивните семејства од сите заедници во Косово.
„Ги повикувам актерите во регионот да помогнат во заздравувањето на раните од минатото. Само преку помирување земјите од регионот можат да ги надминат поделбите и да напредуваат кон заедничка иднина во ЕУ“, изјави европската комесарка.
Поранешниот лидер на ОВК и поранешен премиер и претседател на Косово, Хашим Тачи, во средата беше осуден на 25 години затвор од страна на Специјализираните совети во Хаг.
Поранешните лидери на ОВК, Јакуп Красниќи и Кадри Весели, беа осудени на 25, односно 18 години затвор, додека Реџеп Селими беше осуден на 13 години.
Станува збор за првостепени пресуди, а осудените имаат право на жалба.




















