Американскиот претседател Доналд Трамп за време на телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во 2025 година му рекол дека на сите Евреи им е преку глава од него, и тоа во период на напорите за обезбедување прекин на огнот во Газа, се наведува во книгата објавена вчера од новинарите Меги Хаберман и Џонатан Свон.
Книгата со наслов „Промена на режимот: Во внатрешноста на империјалното претседателство на Доналд Трамп“ ја анализира првата година од вториот мандат на Трамп и опишува тензичен разговор меѓу Трамп и Нетанјаху.
Во неа се тврди дека Трамп му рекол на Нетанјаху, кој бил на линија заедно со високите американски соработници Стив Виткоф и Џаред Кушнер: „На сите им е преку глава од тебе, Биби. На сите Евреи им е преку глава од тебе. Дури и на двајцата Евреи во овој разговор им е преку глава од тебе“.
Според книгата, разговорот се водел за време на Генералното собрание на ОН во септември 2025 година, додека Трамп промовирал план од 20 точки со цел ставање крај на војната во Газа и обнова на територијата.
Авторите наведуваат дека Трамп исто така му порачал на Нетанјаху дека не може да се „повлече од“ предложениот договор за прекин на огнот во Газа што го предложи Вашингтон.
Претходно истиот месец, Израел извршил воздушен напад насочен против лидерите на Хамас во Катар, додека тие биле собрани за да разговараат за можен договор за прекин на огнот со Израел, се додава во извадоците од книгата.
Во извадоците се вели дека со нападот не биле убиени високите претставници на Хамас кои биле цел, но биле убиени неколку пониски членови на Хамас и еден чувар од Катар.
По овој напад, Катар одбил да продолжи да дејствува како посредник меѓу Израел и палестинската група Хамас, пишува во книгата.
Од извадоците во книгата не е сосема јасно дали ваквата реакција на Трамп била директно поврзана со нападот во Катар.
Трамп исто така му рекол на Нетанјаху: „Јас сум најдобриот пријател што Израел некогаш го имал. Сите те мразат, а јас застанав зад тебе“, се вели во книгата.
Во посебен извадок објавен минатата недела, авторите наведуваат дека Трамп во првите месеци од неговиот втор мандат го нарекол Нетанјаху „измамник“.
Тврдењата изнесени во книгата сè уште не се официјално потврдени од страна на Трамп, Белата куќа, Нетанјаху или Кабинетот на израелскиот премиер.

















