Големите платформи на социјалните медиуми не успеваат да ја отстранат измамничката содржина дури и откако корисниците ќе ја пријават, при што независно европско тело за ревизија поништува најголем дел од одлуките за модерирање што ги разгледува, објави денес ирската радиодифузна куќа РТЕ.
„Апилс центар Јуроп“ соопшти дека од април до септември примил 43.000 жалби поврзани со „Фејсбук“, „Инстаграм“, „ТикТок“, „Јутјуб“ и други платформи, од кои повеќе од 19.000 ги исполнувале условите за разгледување.
Организацијата утврдила дека платформите оставиле измамничка содржина достапна на интернет и покрај тоа што таа ги прекршувала нивните сопствени правила, додека материјалите генерирани со вештачка интелигенција сè повеќе го отежнуваат препознавањето на измамите.
Телото поништило околу 75 проценти од одлуките на платформите што ги разгледало, вклучително и 93 проценти од одлуките на „Јутјуб“, 77 проценти од оние на „ТикТок“ и 75 проценти од одлуките на „Инстаграм“.
Меѓу пријавените случаи имало измами со инвестиции и љубовни измами генерирани со вештачка интелигенција, како и манипулативни видеа за војната меѓу Русија и Украина и поплавите во Валенсија во 2024 година.
Извршниот директор на „Апилс центар Јуроп“, Томас Хјуз, рече дека платформите на социјалните медиуми не треба да им обезбедуваат сигурно засолниште на измамниците.
Организацијата со седиште во Даблин ги разгледува жалбите поврзани со модерирањето на содржините во согласност со Законот за дигитални услуги на ЕУ.
Нејзините одлуки не се правно обврзувачки, но платформите се должни да соработуваат со неа со добра волја.






















