Две лица загинале откако шумски пожар зафатил куќа во близина на Солун, а едно е повредено, објави денес грчката противпожарна служба.
Во соопштението се вели дека пожарот избувнал во вторник попладне во грмушки и дека, поради силните ветрови, брзо се проширил и зафатил куќа во близина на селото Лити, на околу 25 километри од Солун, објави Катимерини.
Весникот истакнува дека во пожарот загинал 66-годишен маж, чие тело е пронајдено во дворот, додека друго тело, за кое се верува дека му припаѓа на неговиот дванаесетгодишен син, е пронајдено во семејната куќа.
Се наведува дека 40-годишната мајка била спасена и претрпела изгореници кои не се опасни по живот.
Властите им наредија на жителите да го евакуираат селото Лити.
Отворена е истрага за да се утврди причината за пожарот.
Повеќе од 115 пожарникари, со поддршка на три специјализирани тимови за гаснење шумски пожари, 36 противпожарни возила и волонтери, учествуваат во гаснењето на пожарот, како и 10 противпожарни авиони и три хеликоптери.
Шумскиот пожар е еден од 48 пријавени низ Грција во текот на 24-часовниот период.
Противпожарните служби изјавија дека 40 од тие пожари биле ставени под контрола во нивната почетна фаза.












