Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) отвори истрага по обвинувањата за расизам упатени од бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор, против аргентинскиот напаѓач на Бенфика, Џанлука Престијани, за време на првиот натпревар од плејофот за Лигата на шампионите во Лисабон.
Натпреварот, кој Реал Мадрид го доби со 1:0, беше прекинат околу десет минути откако бразилскиот напаѓач му се пожали на францускиот судија Франсоа Летексиер дека Аргентинецот го нарекол „мајмун“. Вториот ги негираше обвинувањата на својот Инстаграм профил.
„УЕФА назначи етички и дисциплински истражител за да ги истражи обвинувањата за дискриминаторско однесување за време на плејофот за Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Реал Мадрид“, објави УЕФА во среда.
Винисиус го постигна единствениот гол на натпреварот во 50-та минута, но потоа ја исмеа публиката на „Луз“ со неспортско однесување по што се судри со неколку играчи од португалскиот клуб.
Судијата се обиде да ја смири ситуацијата покажувајќи му жолт картон на Винисиус, а токму кога се чинеше дека натпреварот ќе продолжи, Престијани си ја покри устата со дресот и дофрли нешто кон Бразилецот. Разочараниот Винисиус се стрча кон судијата, обвинувајќи го Престијани за расизам.
Судијата потоа го прекина натпреварот речиси десет минути, Винисиус првично одби да продолжи, но некако страстите се смирија и натпреварот продолжи без никакви санкции.
„Расистите се пред сè кукавици. Мораат да ги стават маиците преку уста за да покажат колку се слаби“, напиша Винисиус на Инстаграм по натпреварот.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, исто така, ја изрази својата поддршка за Винисиус, велејќи дека е „шокиран и тажен“ од инцидентот во Лисабон, во порака објавена на Инстаграм.
„Апсолутно нема место за расизам во нашиот спорт и општество. Потребно е сите вклучени страни да преземат мерки и да ги повикаат одговорните на одговорност“, додаде првиот човек на ФИФА, честитајќи му на францускиот судија Летексиер за активирањето на протоколот против расизам.
Од друга страна, Престиани, кој доби поддршка од својот клуб на социјалните медиуми, објави на Инстаграм дека „никогаш не изговорил расистички навреди против Винисиус, кој за жал погрешно го протолкувал она што мислел дека го слушнал“.
„Никогаш не сум бил расист кон никого и ги осудувам заканите што ги добивав од играчите на Реал Мадрид“, напиша тој.











