Од Медицинскиот факултет во Скопје, преку универзитетите во Белград, Кјото, и Бирмингем до еден од најелитните универзитети во светот. Даниела Настеска е еминентен македонски научник кој на универзитетот Оксфорд предводи истражувачки тим кој се фокусира на истражувања поврзани со дијабетесот тип 2. Семејната приказна поврзана со нејзиниот татко била една од главните причини и мотиви Даниела да се фокусира со истражувања токму на ова поле.
„Некако сите борби кои ги поминавме заедно како семејство, но и неговите лични борби со болеста, со компликациите ме наведе на истражување на дијабет”, вели Настеска за ТРТ Балкан.
Таа ја објаснува природата на нејзиниот тим во насока на поефикасно лекување на дијабетес тип 2.
„Во овие години научно се фокусираме клеточно, или на ниво на ткиво. Во овој случај тоа се островцата во панкреасот коишто прават инсулин хормон кој е потребен за регулација на нивото на шеќер во крвта. И се фокусираме на тоа како овие клетки разговараат меѓу себе. Кога организмот има повеќе потреба од инсулин.
Се измениле научните сознанија од минатото.
„Во минатото мислевме дека сите клетки за да можат да ја остварат таа функција треба да се исти практично копија една на друга, но денес сфаќаме дека колку тие клетки се поразлични меѓусебно толку се поспособни да ја извршуваат таа основна функција на правење инсулин”, објаснува Даниела за ТРТ Балкан.
Современата наука во развиените земји познава повеќе начини на третирање на дијабетесот.
„Постојат лекови коишто денеска се познати заради намалување на телесната тежина како Зенпик, Монџаро и слично. Тоа се лекови коишто првенствено ја помагаат функцијата на островцата да прават повеќе инсулин и се многу моќни во контролирање на болеста. Во неколку центри во светот вклучувајќи не и нас овде во Оксфорд од починати донори се жнеат островца коишто потоа се трансплантираат на пациенти со дијабет”, вели Настеска.
Медицината низ историјата еволуирала кога е во прашање дијабетесот, но засега тој сепак може само да се контролира, а не и целосно да се излекува. Колку е медицината блиску или далеку од изнаоѓање лек за него?
„Можеби во научно-истражувачки аспект тоа што е највозбудливо е создавање на островца во лабораторија. Се земаат клетки коишто имаат способност да се размножуваат неограничено. Се земаат од кожата или од други региони во телото кои го дозволуваат тоа и се репрограмираат да личат на клетки коишто прават инсулин. Јас очекувам дека во следните 50 или 100 години би можеле да бидат доволно функционални да се користат за лекување на болеста”, објаснува Даниела.
Сепак смета дека засега технологијата во овој дел е ограничена.
„Доколку се идентификуваат сите гени коишто се поврзани со рзвој на тип 2 дијабет, денес постојат процедури коишто дозволуваат генетска корекција односно поправање на критичниот или слаб ген во телото со нов пофункционален кој ќе го спречи развојот на болеста. Потенцијал постои, но не технологијата не го дозволува тоа сега засега”, изјави Даниела.
Таа објаснува дека финансиите главно се проблем за скапите истражувања во земјите во развој. Досега ниту една македонска образовна или научно-истражувачка институција не ја контактирала за да ги сподели искуствата околу дијабетесот.












