Во колумна објавена во израелски весник се предлага САД да им ги отпишат долговите на младите Американци доколку се согласат да учествуваат во инвазија на Иран. Авторот тврди дека американска војна против Иран не може да се добие само со воздушни напади, туку дека би било потребно окупирање или воспоставување контрола врз земјата, што би наложило мобилизација на до 1,5 милиони војници.
Шокантниот предлог младите задолжени Американци да се користат како „топовско месо“ против Иран го изнел А. Џ. Џаф, пензиониран офицер на канадските вооружени сили, во колумна објавена во „Ерусалим пост“.
Во своите аргументи, Џаф наведува дека повеќемесечните интензивни американски напади не го урнале воениот капацитет на Иран ниту ја завршиле војната и дека копнена инвазија би барала многу повеќе американски војници од сегашниот број.
„Бројот на новорегрутирани војници е под нивото што би го барала копнена инвазија на Иран. Проценките за успешна копнена операција против 31-те провинциски команди на Иран и неговата Доктрина за мозаична одбрана се движат меѓу 750.000 и 1,5 милиони американски војници. Во моментов активниот состав на американската Армија брои околу 452.000 војници. Очигледно, бројките не се совпаѓаат“, пишува авторот.
Џаф смета дека историјата на САД укажува на можен пат напред: регрутирање преку програма за отпишување долгови, наместо традиционална воена мобилизација.
„Просечниот Американец на возраст од 18 до 34 години има повеќе од 40.000 долари непомортечен долг, вклучувајќи студентски кредити, долгови на кредитни картички, автомобилски кредити и лични заеми, а според некои проценки сумата достигнува и до 100.000 долари“, пишува тој, додавајќи дека токму оваа старосна група му е потребна на Пентагон.
„Програма за отпишување долгови, управувана на федерално ниво, со која целосно би се отпишале студентските кредити, долговите од кредитни картички и заемите по 24 или 36 месеци служба, а истовремено би се прошириле бенефициите од Законот за ГИ, би овозможила доброволно регрутирање во голем обем“, тврди колумнистот.
Необичен предлог
Околу 77 отсто од Американците имаат некаков вид долг. Тоа значи дека приближно 250 до 260 милиони луѓе се соочуваат со различни видови финансиски обврски, што придонесува кон историскиот вкупен долг на американските домаќинства од 18,8 трилиони долари. Возрасните Американци во просек имаат долг од 63.500 долари.
Џаф наведува историски примери од САД за вакви шеми за регрутирање, истакнувајќи дека за време на Втората светска војна бил воведен Законот за ГИ, додека за време на Виетнамската војна биле овозможени одложувања на воената служба заради студирање.
„Во војните по 11 септември се нудеа бонуси за потпишување и можности за добивање државјанство. Војната со Иран ќе треба да понуди олеснување на долговите. Економската состојба на задолжените Американци во дваесеттите и триесеттите години од животот го прави ова најефикасниот механизам за регрутирање што им е достапен на Пентагон и на администрацијата на Трамп“, нагласува авторот.
Џаф признава дека шемата е морално непријатна, но истовремено ја опишува како „најефикасниот механизам за регрутирање“ на Пентагон и администрацијата на Трамп, аргументирајќи дека земјите регрутираат војници преку приспособување на стимулите кон специфичните потреби и околности на населението.
Во текстот на Џаф, оваа вознемирувачка шема е претставена како една од трите опции за Вашингтон за пораз на Иран кои не вклучуваат директни воени дејствија, заедно со признавање од американскиот Конгрес на независноста на иранските малцинства и постигнување договор со Кина во врска со иранската нафта.
Написот предизвика широка критика, при што многумина ги отфрлија предлозите како погрешни од американска перспектива, други ја доведоа во прашање компетентноста на авторот, а некои оценија дека Израел сака да се бори против Иран „до последниот Американец“.
Медиуми како The Blaze го опишаа предлогот како „нескромен“ или циничен обид за искористување на задолженоста на Американците. Медиумот го оцени планот на Џаф како необичен предлог задолжените млади Американци да бидат испратени на првите борбени линии.
Институтот „Мизес“ својот текст го наслови „Џерусалим пост повикува повеќе Американци да се пријават – за да умрат за Израел“, оценувајќи го написот како повик од израелски медиум американските даночни обврзници да субвенционираат уште една војна.

























