Хималаите се приближуваат кон критична точка бидејќи глечерите се топат побрзо, ледничките езера стануваат се понестабилни, а планините се соочуваат со растечки недостаток на надзор, покажува ново истражување објавено овој месец.
Наодите доаѓаат откако хималајскиот глечер се сруши кон крајот на август на границата меѓу Непал и Тибет, предизвикувајќи лизгање на земјиштето и ненадејни поплави во долините. Најмалку 1.300 луѓе се потврдени како мртви во Непал и регионот Тибет во Кина, додека повеќе од 5.300 луѓе сè уште се водат како исчезнати.
Со повлекување на глечерите се создаваат нестабилни леднички езера кои содржат само лабави наслаги од карпи и мраз, и се наоѓаат над долините каде што живеат милиони луѓе.
Студијата е изработена од консултантската компанија за одржливост Системик (Systemiq), Меѓународниот центар за интегриран планински развој (ИЦИМОД) и индискиот Национален институт за хималајска животна средина „Г.Б. Пант“.
Губењето на масата од хималајските глечери се забрза во последните децении, при што само 21 глечер моментално се следат на терен од околу 40.000 во Хиндукуш и Хималаите, огромен планински венец што се протега низ осум земји од Авганистан до Мјанмар, покажува студијата.
Хималаите се огромен природен воден систем што ги храни реките од кои зависат стотици милиони луѓе низ јужна Азија. ИЦИМОД вели дека се очекува повеќето речни сливови во Хиндукуш и Хималаите да го достигнат својот врв на достапност на вода околу средината на векот. Тогаш глечерите ќе го достигнат својот максимален капацитет на вода, пред да почнат да се намалуваат додека глечерите губат маса.
Исто така, се проценува дека водата од Хималаите поддржува околу 20 проценти од БДП на Индија, поддржувајќи го производството на пченица, ориз и чај, хидроелектричната енергија и економијата повзана со аџилак.
Индија веќе има докази за обемот на ризикот. Иако хималајскиот регион сочинува околу 18 проценти од површината на Индија, тој сочинува приближно 35 проценти од природните катастрофи во земјата, според студијата.
Дополнително, во Индија се идентификувани речиси 200 леднички езера со висок ризик, од кои 56 се класифицирани како екстремно висок ризик, што ги става во опасност милиони луѓе низводно.






















