Кениецот Дерик Чеге Нјороге е победник на 22. издание на Виз Ер Скопски маратон. Тој патеката долга 42,195 километри ја истрча за 2 часа, 12 минути и 56 секунди.
Неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи го освои второто место со време 2:13:21 часа.
Трето место му припадна на Македонецот Дарио Ивановски со време 2:13:49.
Кенијците доминираа и на полумаратонот (21 километар) во двете конкуренции.
Во женска победи Валентајн Џебет (1:13:16 час), пред Чарен Чепквони (1:15:10) и Нанси Гитаига (1:17:25).
Кај мажите прв беше Кенеди Роно (1:05:27 час), пред Киптум Кимаијо (1:06:12) и Џон Куриа (1:07:00)
На трката на 5 километри најбрза во женска конкуренција на првите две места се пласираа Македонките Ирма Хајдари (19 минути и 43 секунди), и Емили Ивановска (20 минути и 54 секунди). Трета беше Црногорката Лана Ивковиќ (21 минута и 1 секунда).
Патеката долга 5 км, кај мажите најбрзо ја истрча Македонецот Андреј Арсов (16:29 минути) втор беше неговиот сонародник Гилман Јонузи (16:35), трет заврши Фредрик Ухрборн од Шведска (16:44).
Со учество на повеќе од 15.000 натпреварувачи од 63 земји утрово беше означен стартот на Виз Ер Скопски маратон 2026. Најбројни по земји, покрај учесниците од земјава, се натпреварувачите од Србија, Германија, Велика Британија и Туркије.
Низ скопските улици се одржуваа трки во четири категории: маратон – 42 километри, полумаратон – 21 км, штафетен маратон (вкупно 42 км. четворица натпреварувачи) и трка на 5 км.
Покрај натпреварувачкиот дел, Виз Ер Скопскиот маратон и годинава подготви активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Посебно внимание е посветено и на поддршката долж патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот.




















