Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека новите американски напади врз Иран биле „апсолутно неопходни“, оценувајќи дека Вашингтон морал решително да реагира по, како што изјави, кршењето на прекинот на огнот од страна на Иран.
„Кога имате прекин на огнот, а Иран во основа го крши, мислам дека е апсолутно клучно Соединетите Американски Држави силно да реагираат“, изјави Руте пред новинарите пред самитот на лидерите на НАТО во Анкара.
Тој рече дека очекува сојузниците во текот на денот да го потврдат ставот дека Иран треба целосно да го отвори Ормускиот Теснец за меѓународен превоз.
Зборувајќи за односите во рамките на Алијансата, Руте рече дека постои „целосна посветеност“ на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО, но дека Вашингтон во исто време оправдано очекува европските членки и Канада да ги зголемат средствата за одбрана и порамномерно да ги делат трошоците во рамките на алијансата.
Коментирајќи го наводното незадоволство на некои американски претставници од сојузниците поради нивниот став кон Иран, Руте оцени дека станува збор за „изолирани случаи“.
Генералниот секретар на НАТО се осврна и на прашањето за Гренланд, наведувајќи дека се води „добар процес“ во врска со тоа прашање, но не даде дополнителни детали.






