Во турската област Испарта семејството Сезер веќе шест децении ги рециклира отпадните парчиња дрво и старите предмети, придонесувајќи и за заштита на природата и за економијата.
Основачот на работилницата, 72-годишниот Мехмет Фатих Сезер, веќе 60 години напорно работи да ја пренесе уметноста на обработка на дрво, која полека паѓа во заборав, на идните генерации. Сезер, кој долги години се занимава со оваа работа со цел да придонесе во заштитата на природата преку користење рециклирачки материјали, овој занает им го пренел и на децата и внуците.
Неговиот син Ведат Џан Сезер го поминал работниот век во банка, но по пензионирањето, костумот го заменил со скутник, враќајќи ги во употреба отпадните материјали, преку занаетот што го научил како дете.
Денес овој 44-годишен мајстор, кој занаетот го учел како чирак во работилницата на својот татко, сега ги подучува и ќерките.
Во разговорот за Анадолу, Ведат Џан Сезер истакна дека по пензионирањето се вратил во работилницата каде што некогаш бил чирак.
„Во оваа работилница се обидуваме да им дадеме живот на рециклираните предмети. Нашите производи се изработени од лушпи од ореви, гранки од дрвја, стари тенџериња и тави – работи што не ги користиме, што се фрлени во ѓубре или се оставени во природата. Со нивното вреднување, истовремено придонесуваме за нашиот буџет, но и за заштитата на животната средина преку рециклирање“, вели Сезер.
Нагласувајќи ја желбата да ја развие традиционалната обработка на дрво и да им ја пренесе на младите, Сезер додава: „Нашите активности ги развиваме преку групни работилници. Овде организираме убави настани со цел младите да ги држиме подалеку од дигиталната зависност и да им го вратиме контактот со земјата и дрвото. На овој начин тие истовремено се социјализираат и придонесуваат за рециклирањето.“
Таткото Мехмет Фатих Сезер, кој започнал со оваа работа на 12-годишна возраст, вели дека за него дрвото е страст и љубов кон животот.
„Сè што ќе видам во природата, го собирам и го носам во работилницата. Да не се фрли, наместо во ѓубре, ајде да го рециклираме.“
Оваа традиција сега ја продолжува младиот дух на Џерен Сезер која вели дека занаетот го научила од дедо ѝ и татко ѝ во слободното време по училиште. Како претставник на третата генерација, таа го носи занаетот во новиот век, спојувајќи ја семејната вештина со модерната еколошка свест. За неа, секој создаден предмет е чекор кон позелена иднина.
Истакнувајќи дека припадниците на Генерацијата З се чувствителни на темата животна средина, Џерен Сезер заклучи: „Многу работи за кои мислиме дека се отпад, можеме да ги претвориме во уметност. Правиме нешта што го поддржуваат рециклирањето и концептот 'нула отпад'. Сметам дека нашата работилница дава голем придонес во подигнувањето на еколошката свест.“
Извор: АА




























