Ситуацијата на окупираниот Западен Брег се влоши до тој степен што е целосно надвор од контрола, а интензивирањето на нападите има за цел протерување на палестинските заедници од нивната земја, предупреди денеска генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
„На окупираниот Западен Брег, Палестинците продолжуваат да бидат подложени на секојдневни напади од страна на израелските доселеници. Јасна цел е да се протераат заедниците од нивната земја“, изјави Гутереш пред новинарите.
Тој нагласи дека ситуацијата на окупираните територии е целосно надвор од контрола, наведувајќи дека новинарите и дипломатите исто така биле цел на напади.
Зборувајќи за Газа, генералниот секретар на ОН истакна дека пристапот до основна хуманитарна помош останува сериозно ограничен пред зимата, што дополнително го комплицира спроведувањето на планот за решавање на конфликтот одобрен од Советот за безбедност на ОН.
Гутереш нагласи дека Светската програма за храна итно има потреба од 450 милиони долари за да го нахрани населението низ Газа и Западниот Брег во следните шест месеци. Тој истакна дека оваа сума одговара на приближно 90 минути глобални воени трошоци.
Тој ги повика меѓународните донатори да ја зголемат помошта, а воедно апелираше и за крај на окупацијата со цел да се постигне одржливо решение за две држави.



















