Американската конгресменка Делија Рамирез изјави дека израелскиот геноцид врз Палестинците „не е завршен“, повикувајќи на усвојување на нејзиниот закон за блокирање на испораките на американски бомби за Израел.
„Израел врши геноцид врз Палестинците, платен од американските даночни обврзници“, објави демократката од Илиноис.
„Додека во израелските воздушни напади продолжуваат да бидат убивани деца и семејства во Газа, на половина милион Палестинци им се заканува губење на пристапот до храна и помош“, рече Рамирез.
„Без разлика дали се врши со бомби или преку изгладнување, геноцидот не е завршен. Мораме да го запреме. Можеме да почнеме со усвојување на мојот закон ‘Стоп за бомбите’“, додаде таа.
Рамирез минатата година го предложи законскиот предлог Х.Р. 3565 заедно со демократските конгресменки и конгресмен Сара Џејкобс, Прамила Џајапал и Марк Покан.
Со законскиот предлог би се запреле испораките на Израел на бомби за пробивање бункери БЛУ-109, бомби од серијата MK80, варијанти на бомбата со мал дијаметар ГБУ-39, комплети за прецизно наведување на бомби „Џоинт директ атак мунишн“, склопови на лизгачки бомби СПАЈС, како и тенковска муниција од 120 милиметри и артилериска муниција од 155 милиметри, вклучително и муниција со бел фосфор.
Во израелската геноцидна војна врз Газа, што трае од октомври 2023 година, убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, а над 175.000 се повредени. Војната предизвика и широко распространето разурнување, при што се погодени приближно 90 отсто од цивилната инфраструктура.
Според најновите податоци на Министерството за здравство во Газа, во израелските прекршувања на прекинот на огнот убиени се 1.534 Палестинци, а 5.486 се повредени.




















