Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Белград се сретна со претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Чешката Република, Томио Окамура, со кого разговараше за унапредување на билатералните односи и зајакнување на парламентарната соработка.
Вучиќ наведе дека за време на состанокот биле разгледани сите теми од значење за двете земји, истакнувајќи дека во последните неколку години економската соработка динамично се развива, со пораст на размената на стоки, трговијата со услуги и приливот на чешки инвестиции.
Тој нагласи дека двете страни ќе продолжат да ја унапредуваат соработката во областите на енергетиката и рударството, сообраќајот и инфраструктурата, земјоделството, туризмот и автомобилската индустрија.
Претседателот на Србија додаде дека со Окамура разговарал и за европскиот пат на Србија, при што ѝ се заблагодари на Чешката Република за континуираната поддршка, како билатерално, така и во рамките на европските иницијативи што ги поддржуваат проширувањето и стабилноста на Западен Балкан.
Вучиќ изрази благодарност и, како што наведе, за разбирањето на ситуацијата на Косово, како и за пријателскиот однос кон српскиот народ.
За време на средбата Вучиќ на Окамура му го претстави и проектот „Белград на вода“, кој го опиша како симбол на забрзаната модернизација на главниот град.
Тој додаде дека Србија ја поздравува одлуката на Чешката Република за учество на ЕКСПО 2027, оценувајќи го тоа како потврда за добрите односи и заедничката посветеност кон зајакнување на економските, иновациските и културните врски.
















