Уште еден пациент со западнонилска треска почина во текот на викендот на Клиниката за инфективни болести. Станува збор за 70-годишен пациент од Општина Аеродром, кој имал и повеќе придружни заболувања, пренесе МИА.
Директорот на Клиниката за инфективни болести, д-р Фадил Цана, денеска информираше дека пациентот 57 дена бил лекуван на Одделот за интензивна нега, но и покрај преземените медицински мерки и постапки, починал во текот на викендот.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани седум пациенти со западнонилска треска, од кои двајца се во потешка клиничка состојба.
Кај нив дошло до влошување на здравствената состојба, поради што биле префрлени на Одделот за интензивна нега. Еден од пациентите уште при приемот бил во потешка состојба.
„Има само еден нов потврден прием од 25 септември. Инаку, вкупно на Клиниката се седум пациенти хоспитализирани, од кои двајца се со потешка клиничка слика. Тие се нови пациенти на кои им се влошила клиничката слика и се префрлени во Одделот за интензивна нега“, изјави д-р Цана.
Сите хоспитализирани пациенти се возрасни и имаат дополнителни придружни заболувања. Последниот примен пациент е од Росоман, додека останатите пациенти главно се од Скопје.
Во однос на смртноста кај потврдените случаи на западнонилска треска во земјата, Цана оцени дека таа не е повисока од онаа што се регистрира во други земји каде што е присутна инфекцијата.
„Според нашите статистики, сè е во рамки на тоа што го има и низ светот. Значи и во Грција, и во Италија, и во другите земји каде што е потврдена оваа инфекција“, рече тој.
Цана апелираше граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од инфекцијата што ги објавуваат Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје.
„Секогаш треба да сме претпазливи, да се придржуваме на сите тие мерки што ги дава Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје – истакна тој, додавајќи дека инфекциите постојано се присутни во природата и дека постои можност за заразување.
Според податоците презентирани од д-р Цана, досега на Клиниката биле хоспитализирани вкупно 67 пациенти со невроинвазивна форма на западнонилска треска.
Од нив, 10 починале- сите мажи- 50 се излекувале, а седум пациенти и натаму се хоспитализирани.





















