Белгискиот министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка, Максим Прево, кој престојува во посета на Скопје, изјави дека Северна Македонија може да смета на Белгија како силен и доверлив сојузник на својот пат кон членство во Европската Унија.
На заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, Прево нагласи дека Белгија продолжува силно и недвосмислено да го поддржува европскиот пат на Северна Македонија.
„Цврсто сум убеден дека билатералните прашања во ниеден момент не треба да го попречат процесот на проширување. Ќе продолжам да се ангажирам за напредок во реформите и усогласување со Копенхашките критериуми“, изјави Прево.
Белгискиот министер ја оцени, според него, институционалната стабилност постигната во земјата, ја истакна важноста на конструктивниот политички дијалог и владеењето на правото, како и охрабри продолжување на имплементација на реформите.
Во своето обраќање тој го спомена и несогласувањето меѓу Скопје и Софија. Според него, важно е Северна Македонија да добие гаранции дека нема да се соочи со нови блокади откако ќе ги исполни своите обврски.
„Верувам дека сите земји од ЕУ треба да најдат начин да ја изразат волјата дека овие гаранции ќе бидат дадени“, изјави Прево.
Тој, исто така, ја нагласи важноста на стабилните односи во мултиполарниот свет и ги оцени силните врски меѓу двете земји, споменувајќи ја и македонската дијаспора во Белгија како фактор што ги зајакнува тие односи.
Муцунски, од своја страна, ја оцени посетата како важна за земјата и регионот, особено во контекст на актуелните геополитички предизвици.
„Во изминатите три децении од воспоставувањето на дипломатските односи, изградивме силно пријателство, интензивен политички дијалог и стабилно партнерство. Јасно ја изразив нашата определба со Кралството Белгија и натаму да го развиваме пријателството и продлабочуваме, врз основа на меѓусебна почит, доверба и заедничка одговорност за стабилноста и просперитетот на регионот и пошироко“, изјави Муцунски.
Тој, исто така, ѝ се заблагодари на Белгија за континуираната и принципиелна поддршка на процесот на европска интеграција, како и за солидарноста по трагедијата во Кочани, каде Белгија придонесе во транспортот и третманот на пациентите.
Извор: АА











