Од ноќеска на полноќ горивата ќе се продаваат по нова пониска цена.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), бензините ќе се продаваат за 1,5 денари поевтино, додека цената на дизел-горивото ќе се продава со цена пониска за 2,5 денари.
Од РКЕ велат дека од полноќ цената на бензинот БС-95 ќе изнесува 82 денари за литар, БС-98 ќе чини 84 денари, а дизелот ќе се продава за 95,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ, од полноќ за 3,5 денари поевтинува екстра лесното масло за домаќинство и тоа ќе се продава за 96,5 денари за литар. За 2,084 денари за килограм се намалува цената на мазутот кој со одлуката на РКЕ од полноќ ќе се продава за 49,227 денари за килограм.
Овие цени дополнително се намалуваат и за попустот што компанијата ОКТА го воведе за горивата, кој важи до 30 април и се нуди при продажба на дизел и бензини кон големопродажните и малопродажните трговци.
Попустот за дизел изнесува три денари по литар, а за бензините од 95 и 98 октани тоа е два денари по литар.
Со ова, цената на дизелот би се спуштила на околу 92,5 денари, додека бензините би се движеле меѓу 80 и 82 денари.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,703%, кај дизелот за 3,251%, кај екстра лесното масло за 3,960% и кај мазутот намалувањето е за 4,476%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,7165%.
За новите цени на горивата денеска информираше и премиерот Христијан Мицкоски кој одговарајќи на новинарски прашања освен за ова најави и дека Владата подготвува конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните за да не се зголемуваат цените на прехранбените производи.
Мицкоски потврди дека се чека официјалниот извештај од институциите по што ќе бидат презентирани конкретни решенија.
„Сакаме мерките овој пат да бидат микротаргетирани. Внимателно ќе го анализираме извештајот и ќе донесеме конкретни мерки со кои ќе се заштити стандардот на граѓаните и да не зголемуваат цените на прехранбените производи“, изјави Мицкоски.



















