Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на американскиот државен секретар Марко Рубио, учествуваше на министерска конференција во Вашингтон насловена „Подемот на политичкиот тероризам“.
На конференцијата, на која учествуваа високи претставници од повеќе од шеесет држави, се разговараше за унапредување на меѓународната соработка и институционалната подготвеност за справување со современите форми на политички мотивирано насилство и тероризам.
Во своето обраќање Муцунски истакна дека „кога насилството се користи за замолчување на политичкиот говор, заплашување избрани функционери и граѓани, напади врз органите на прогонот или влијание врз демократските процеси, тогаш не станува збор за вообичаено политичко несогласување, туку за организирано политичко насилство, а во неговите најтешки облици и за тероризам“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Тој нагласи дека слободните општества никогаш не смее да се плашат од дебата „бидејќи демократијата почива врз различноста на мислењата, но и политичкото насилство никогаш не смее да стане легитимен јазик на политичките промени“.
Осврнувајќи се на Западен Балкан, Муцунски истакнал дека заканата од политичкиот тероризам има сериозна димензија и за регионот, нагласувајќи ја потребата од подобро разбирање на каналите на радикализација, идентификување на финансиската и логистичката поддршка, како и утврдување дали надворешни актери ги злоупотребуваат домашните тензии за постигнување пошироки стратегиски цели.
Министерот Муцунски посочил дека дигиталното опкружување суштински го сменило овој предизвик бидејќи радикализацијата, пропагандата, регрутирањето и координацијата денес може да се одвиваат преку границите и во реално време. Според него, неопходно е зајакнување на размената на разузнавачки информации, поблиска координација меѓу органите на прогонот и продлабочување на соработката во борбата против дигиталната радикализација и транснационалните мрежи за поддршка.
Муцунски во своето обраќање нагласил дека како сојузник во НАТО и стратегиски партнер на Соединетите Американски Држави, Северна Македонија е подготвена да придонесе во заедничките напори за справување со овие закани.
На маргините на конференцијата Муцунски оствари работна средба со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар, на која е потврдена „одличната билатерална соработка меѓу двете земји, а соговорниците ја потврдија заедничката подготвеност за нејзино натамошно продлабочување“, се додава во соопштението на Министерството.






















