Парламентот на Украина денес го избра Сергеј Корецки за нов премиер на земјата, во рамките на најновата реконструкција на Владата.
За време на парламентарната седница во Врховната рада, вкупно 289 пратеници гласаа „за“ поддршка на кандидатурата на Корецки за функцијата, на која беше Јулија Свириденко, која поднесе оставка откако претседателот Владимир Зеленски објави планови за смена на Кабинетот за време на викендот.
„Подготовката за зимата е исклучително важен приоритет и Украина мора да биде подготвена за секоја закана што може да се појави. Трансформацијата на државните компании, од кои значително зависи отпорот на Украина, мора да се забрза. Договорите на Украина со нејзините партнери за закрепнување, исто така, бараат посебно и фокусирано внимание“, рече Зеленски по состанокот со Свириденко во неделата.
„Според тоа, во Украина ќе започнат кадровски промени за да се обезбеди спроведување на обновената политичка стратегија“, рече тој, додавајќи дека на Свириденко ѝ понудил „можност да води нова и важна област на односите со клучен партнер“.
Оставката на Свириденко, која ја презеде функцијата во јули 2025 година, беше поддржана од Парламентот преку гласањето во вторникот, што доведе до распуштање на целиот Кабинет според украинскиот закон.
Според претседателот на Парламентот, Руслан Стефанчук, Зеленски ја доставил номинацијата на Корецки за премиер до Врховната рада подоцна истиот ден.
Сепак, разрешувањето на 35-годишниот министер за одбрана Михаил Федоров предизвика демонстрации во главниот град и неколку други градови во четврток, при што стотици претежно млади демонстранти излегоа на улиците.
Федоров, кој се чини дека е во конфликт со воената висока команда, се сметаше за реформатор и противник на корупцијата во државниот апарат.
Од друга страна и Свириденко ја одбила понудата од Зеленски да биде амбасадор на Украина во САД.
Се очекува гласањето за Кабинетот на Корецки да се одржи во Парламентот подоцна денес.
Корецки беше извршен директор на Нафтогас, национална украинска компанија за нафта и гас, од мај 2025 година.


















