Велика Британија се согласи да учествува во формирањето на обединети поморски сили со девет европски земји, со цел да се одвратат идните руски закани од „границите на отворено море“ на север, изјави командантот на Кралската морнарица, генерал Сер Гвин Џенкинс.
Џенкинс рече дека, и покрај тековната криза на Блискиот Исток, каде што Ормускиот теснец е сè уште затворен по војната меѓу САД и Израел во Иран, „Русија останува најсериозната закана“ за британската безбедност, објавува Гардијан.
Според него, десет земји-членки на Заедничките експедициски сили (JEёф) минатата недела потпишале изјава за намера за создавање „мултинационална поморска сила“ што ќе дејствува како „дополнување на НАТО“.
Тој сојуз нема да ги вклучува Соединетите Американски Држави, чиј претседател Доналд Трамп постојано ја критикуваше Велика Британија за тоа што не го поддржува активно бомбардирањето на Иран.
JEФ ги вклучува Холандија, сите пет нордиски и три балтички држави, а Велика Британија е нејзин најголем воен член, додека Канада исто така размислува да се придружи.
„Руските упади во нашите води се зголемија за речиси една третина во последните две години“, рече командантот на британската морнарица, додавајќи дека верува оти Велика Британија има „отворена поморска граница со Русија на север“.
Тој рече дека целта на новите поморски сили, кои би биле командувани по потреба од британскиот воен штаб во Нортвуд, северозападно од Лондон, е заедничка обука и подготовка, но дека тие исто така би можеле „веднаш да се борат доколку е потребно, со реални способности, реални воени планови и реална интеграција“.














