Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина, почнувајќи од изборниот циклус во 2020 година, дошла до податоци на 220 милиони американски гласачи, оценувајќи го овој инцидент како најголемо компромитирање на изборни податоци во историјата.
Во обраќањето до нацијата Трамп најави објавување на декласифицирани разузнавачки податоци, за кои тврди дека докажуваат масовно странско мешање и сериозни пропусти во американскиот изборен систем.
Повикувајќи се на извештај на ЦИА, тој изјави дека во средината на 2018 година, за време на неговиот прв мандат, политиката на Комунистичката партија на Кина била да ги „искористи сите домашни и странски елементи“ што му се спротивставуваат, со цел да го намали бројот на гласови што би ги добил на изборите во 2020 година, да го принуди на оставка или да го спречи неговиот реизбор“.
Тој додаде дека документите откриваат оти десетици важни извештаи на ЦИА и на Агенцијата за национална безбедност (НСА) за кинеско мешање во изборите биле намерно изоставени од неговите претседателски брифинзи.
Трамп, исто така, ја обвини кинеската Влада дека се обидела да ги идентификува американските новинари што известувале негативно за него и да им плати големи суми за да продолжат со иста практика.
„Како што се наведува во една процена, проценуваме дека противниците на САД, вклучително најмалку Русија, Кина, Иран, Северна Кореја, како и недржавни групи, имаат капацитет да ја компромитираат изборната инфраструктура на САД“, рече тој.
Трамп тврди дека овие сознанија откриваат изборен систем што е толку компромитиран и ранлив, што го прогласи за „неодбранлив“.“
„Стотици милиони досиеја на американски гласачи се во рацете на странски влади“, рече тој.
Трамп посочи дека избирачките списоци вклучуваат стотици илјади починати лица и недржавјани, критикувајќи го тоа што при гласачкиот процес нема национално барање за лична карта или доказ за државјанство.
„Утре секретарот за домашна безбедност (Марквејн Малин) ќе одржи брифинг за да ја претстави неодамнешната работа на неговиот оддел со која се потврдуваат киберанливоста во нашите електронски системи за гласање – тие се лоши“, додаде Трамп.
Тој изјави дека се во процес на информирање на гувернерите, сенаторите и членовите на Конгресот за потенцијални проблеми во нивните сојузни држави.
„Но, што е најважно, справувањето со оваа криза на изборната безбедност бара Конгресот да го усвои Законот за спас на Америка (Save America Act)“, аргументираше Трамп, осврнувајќи се на предлог-законот што тој го поддржува, а кој е закочен во Конгресот, нагласувајќи дека сите гласачи мора да приложат доказ за државјанство.






















