Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за инцидент со патничкиот авион на компанијата „Флајдубаи“, додавајќи дека копилотот кој го нападнал пилотот можеби бил терорист или лице со психичко нарушување.
„Мислам дека тоа е неверојатна приказна“, рече Трамп од Белата куќа запрашан за инцидентот на летот од Дубаи до Тел Авив кој принудно слета во Табук, Саудиска Арабија.
„Опширно разговарав со Биби Нетанјаху за овој настан. И се чини дека копилотот можеби бил терорист или душевно растроено лице, па го избодел пилотот“, рече тој.
Потоа, Трамп ја раскажа верзијата за настаните што ја слушнал од Нетанјаху, а која вклучувала израелски водоводџија кој, како што опиша Трамп, немал искуство во управување со авион, но интервенирал откако слушнал врева во пилотската кабина.
„Иако никогаш претходно не управувал со авион, тој ги фатил командите, ги повлекол нагоре и го стабилизирал авионот пред тој да се урне“, рече Трамп.
Трамп призна дека не може независно да ги потврди деталите од приказната.
„Тоа е приказната што ја слушнав. Не знам дали е вистинита, но тоа е приказната што ја добив од Биби“, рече претседателот.
Трамп го пренесе и објаснувањето на Нетанјаху за тоа како патникот знаел што да прави во итна ситуација.
„Кога го прашале зошто го направил тоа, тој рекол: 'Ја гледам емисијата Воздушни катастрофи (Air Disasters на National Geographic)'“, рече Трамп.
Трамп ја опиша телевизиската емисија како „најлудата емисија“ и рече дека Нетанјаху му кажал оти патникот често ја гледал и од неа научил „отприлика како се управува со авион“.
Овие изјави уследија по извештаите за конфликт меѓу пилотите на патнички лет од Дубаи до Тел Авив. Според нив, инцидентот предизвикал тревога за киднапирање пред авионот конечно да слета во Саудиска Арабија.
Од „Флајдубаи“ соопштија дека околностите и мотивите зад конфликтот не се целосно утврдени и се предмет на официјална истрага.

















