| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Промовирани нови 53 офицери на Воената академија
Министерот за одбрана Владо Мисајловски на новите офицери во Армијата им порача дека нивната промоција е нова дополнителна енергија и инвестиција во иднината на македонската Армија и во безбедноста на државата
Промовирани нови 53 офицери на Воената академија
Во потпоручници беа промовирани 30 питомци на македонската Армија, двајца од Црна Гора и пет од БиХ, како и 16 поручници за служба во Армијата

Денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се одржа свеченост на која беа промовирани 36 питомци од 26. класа и еден питомец, кој дипломираше на Воената академија „Вест Поинт“ во САД, во прв офицерски чин- потпоручник и 16 слушатели од Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата во чин-поручник.

На денешната свеченост се обрати министерот за одбрана Владо Мисајловски кој на новите офицери во Армијата им порача дека нивната промоција е нова дополнителна енергија и инвестиција во иднината на македонската Армија и во безбедноста на државата.

„Денешниот ден претставува круна на вашата четиригодишна упорност, но и почеток на уште поголеми достигнувања. Од денеска сте офицери – лидери, носители на довербата на државата и чувари на највисоките вредности врз кои почива секоја професионална Армија“, рече Мисајловски.

Министерот истакна дека со денешна промоција офицерскиот кор се збогатува со млади, мотивирани и амбициозни луѓе кои во текот на школувањето изградиле меѓусебна доверба, почит и пријателство, вредности, кои ќе им бидат основа за професионалната кариера како и за заедничкото справување со современите безбедносни предизвици.

„Да се биде офицер значи да се биде пример за сите. Од денеска, токму вие ќе бидете препознатливи по трудољубивоста, чесноста, интегритетот, по носењето тешки одлуки кога е најпотребно, по преземањето одговорност тогаш кога другите се двоумат и по способноста да ги ставите интересите на својата држава и на своите војници пред сопствените интереси“, потенцира Мисајловски. 

Денеска во потпоручници беа промовирани 37 питомци од кои 30 за потребите на македонската Армија, 2 од Црна Гора и 5 од Босна и Херцеговина, и 16–поручници, слушатели кои го завршија Курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите на Армијата. 

Деканот на воената академија полковник Ненад Танески во своето обраќање пред присутните нагласи: „Во време на брзи технолошки промени, информатичка револуција, вештачка интелигенција и нови безбедносни предизвици, знаењето, лидерството и способноста за донесување вистински одлуки се најсилното оружје на современиот офицер.

Затоа развојот на Воената академија, унапредувањето на наставата, научноистражувачката работа, меѓународната соработка и создавањето современи услови за образование не се само потреба – тие се стратешка инвестиција во иднината на Армијата“.

Тој во оваа прилика упати благодарност до припадниците на вооружените сили на Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и нивните семејства.

„Ви благодариме за довербата што ни ја укажавте, доверувајќи ни го образованието и професионалниот развој на вашите идни офицери. Тоа е чест за Воената академија и потврда за нејзиниот углед како регионален центар за воено образование“.

Повеќе
Шпанија го повика италијанскиот амбасадор откако министерот повика на суспензија од Шенген
Науру официјално го менува името во Наоеро
Израелци под заштита на армијата ги нападнаа областите во близина на Наблус
Шпанија мобилизира сили по масовни обиди за влез во Сеута од Мароко
Сабиха Ѓокчен во Истанбул ги предводи главните европски аеродроми по раст на бројот на патници
Саудиска Арабија и 13 држави формираа воен сојуз за заштита на бродовите во Црвеното Море
Бајрактар КИЗИЛЕЛМА ги заврши првите тестови за гаѓање од внатрешниот носач на муниција
НАТО: Нарушувањето на полскиот воздушен простор e предизвикано од руска ракета
Ердоган и Аун ги потврдуваат длабоките врски меѓу Туркије и Либан
Четворица Палестинци, меѓу кои и две деца убиени во израелските напади врз Газа
Нападот врз египетското пристаниште ја зголемува заканата за пловидбата низ Суецкиот канал
Анкета: Довербата на Германците во Владата на најниско ниво досега
Кина демантира дека планирала испорака на ракетни лансери за Иран
Иран тврди дека во напад со балистички ракети уништил три американски авиони Ф-35 во база во Јордан
Тројца припадници на ИРГЦ убиени во американски напад во северозападен Иран