Украинскиот претседател Володимир Зеленски го разреши Руслан Кравченко од функцијата главен обвинител на Украина, според објавениот претседателски указ, објави „Еуроњуз“.
„Да се разреши Руслан Андријович Кравченко од функцијата главен обвинител“, се наведува во документот.
Оваа одлука е донесена во согласност со член 11, став 2 од Законот на Украина „За правниот режим на воената состојба“.
Имено, за време на воена состојба, шефот на државата може да одлучи да ги разреши функционерите чие именување и разрешување се во негова надлежност и да ги довери тие должности на друго лице за соодветниот период.
Одлуката следува откако Кравченко на 7 септември поднел оставка во период кога против него се воделе истраги од украинските антикорупциски институции. Кравченко претходно соопшти дека потпишал налог за истрага против директорот на Националното антикорупциско биро на Украина, Семен Кривонос.
Тој ги обвини антикорупциското биро НАБУ и Специјализираното антикорупциско обвинителство дека незаконски одзеле материјали од предмети против нивни вработени, со цел, како што тврди, да спречат натамошни постапки.
Дополнително внимание предизвика информацијата дека Кравченко ноќта меѓу 13 и 14 септември ја напуштил Украина со службено возило, при што тој тврди дека станува збор за службено патување во Париз.
Според медиумските извештаи, неговото име не се наоѓа на официјалниот список на учесници на собирот на Парламентарното собрание на Советот на Европа за кој навел дека патува.
Зеленски побара од украинскиот парламент итно да ја прифати оставката на Кравченко, а предлогот за негово разрешување веќе добил поддршка од надлежната парламентарна комисија.



















