Научниците очекуваат астероид со големина на три фудбалски игралишта да помине во близина на Земјата за три години, овозможувајќи им на експертите да ја проучуваат колосалната вселенска карпа од непосредна близина, соопшти НАСА денес.
Астероидот Апофис, именуван по античкиот египетски бог познат како „Бог на хаосот“, ќе помине покрај планетата на 13 април 2029 година.
Тој ќе прелета на растојание од околу 32.000 километри над површината на Земјата, што го прави поблизок до нас дури и од многу сателити во орбитата, додаде агенцијата.
Највисоките сателити орбитираат на висина од приближно 35.000 километри од екваторот.
Иако научниците го сметаат Апофис за „потенцијално опасен астероид“, НАСА ја увери јавноста дека тој нема да претставува закана за Земјата за време на неговото патување во 2029 година.
По години континуирано следење, научниците велат дека се уверени дека објектот не претставува опасност за Земјата во најмалку следните 100 години.
„Не постои опасност за Земјата, за никого или за што било живо на неа, ниту пак за астронаутите или сателитите во вселената“, соопшти агенцијата.
„Но, овој настан е неверојатна и целосно невидена можност да научиме многу повеќе за Апофис и сличните астероиди кои поминуваат близу Земјата“, се додава во соопштението.
Луѓето кои живеат во источната хемисфера ќе можат да го видат астероидот со голо око, во зависност од временските услови, според НАСА.















