Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Дијанетот, Х. Сафи Арпагуш, реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, амбасадорот на Туркије во Северна Македонија, Фатих Усулој, како и со претставници на исламските верски заедници од Германија, Австрија и Италија.
Како што соопшти прес-службата на Собранието, на средбата, претседателот Гаши го поздрави одржувањето на Самитот на верските лидери на Балканот во Скопје, истакнувајќи дека тоа претставува доказ за заедничката волја за дијалог, меѓусебно разбирање и соработка. Тој ја нагласи важноста на соживотот, како и улогата на верските заедници во неговото унапредување и во јакнењето на толеранцијата меѓу народите во регионот.
„Претседателот на Дијанетот, Арпагуш, ја истакна успешната организација на Самитот и значењето на соработката меѓу верските заедници. Тој посочи дека соживотот кој со векови постои во регионот придонесува за зајакнување на мирот, меѓусебната доверба и братството“, се вели во соопштението.
Реис-ул-улема на ИВЗ, Шаќир Фетаху, се осврна на значењето на Самитот и на поддршката од институциите во неговата подготовка и реализација, истакнувајќи дека настанот добил и пошироко државно значење.
Амбасадорот на Туркије, Усулој, нагласи дека пријателските односи и блиската соработка меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина.
















