УНИЦЕФ објави проценка дека околу 137 илјади деца во Јемен се соочуваат со попречување на образовниот процес поради засилување на воениот конфликт во земјата меѓу владините сили и бунтовниците.
Агенцијата на ОН за деца наведе дека нејзините тимови за интервенција поставуваат 20 простори приспособени за деца и привремени училници, како и дека обезбедуваат услуги за заштита на погодените деца.
„Децата не смеат да ја изгубат својата иднина поради конфликтот“, порачаа од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ соопшти дека обновените борби ги принудиле семејствата да ги напуштат своите домови во западната провинција Таиз и во областите по должината на западниот брег на Јемен.
УНИЦЕФ, заедно со Фондот на ОН за население (УНФПА) и Светската програма за храна, обезбедува итна помош за повеќе од 14.000 новораселени лица.
Судирите меѓу силите на меѓународно признатата Влада на Јемен и Хутите ескалираа од почетокот на јули, по неколкугодишен релативен мир.
Земјата е зафатена од војна откако Хутите го зазедоа главниот град Сана и неколку провинции во 2014 година, пред арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија да интервенира во 2015 година како поддршка на меѓународно признатата Влада.




















