Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите со Иран одат „многу добро“ и дека би можеле да дадат резултати во текот на претстојниот викенд.
„Слушнав дека самите преговори одат многу добро, всушност“, им рече Трамп на новинарите, додавајќи за потенцијалниот договор: „Може да се случи... во текот на викендот“.
Проценката на Трамп остро се разликуваше од онаа на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој рече дека линиите за комуникација со САД се сè уште отворени, но дека „не е постигнат опиплив напредок“ во преговорите за завршување на војната на Блискиот Исток.
Трамп, исто така, рече дека сака да ги одвои разговорите меѓу САД и Иран од оние за војната меѓу Израел и Хезболах во Либан.
„Би сакал да ги одвојам, бидејќи се посебни“, рече Трамп.
„Всушност, разговаравме со Хезболах за прв пат досега“, рече американскиот претседател за напорите за запирање на борбите во Либан.
„Тие се согласија вчера дека нема да пукаат, Израел нема да пука, и останува да видиме“, рече Трамп.
Размената на оган е потценета
Во текот на ноќта, САД соопштија дека собориле ирански дронови и извршиле напад врз иранска контролна станица на копно, додека силите на Техеран лансирале дронови и ракети кон неколку соседи од Персискиот Залив.
Трамп ја релативизираше размената на оган, велејќи: „Тој дел од светот знаете, функционира различно. Би рекол дека во тој дел од светот, прекин на огнот значи кога пукате но, на поумерен начин“.
Од почетокот на април е во сила прекин на огнот меѓу САД и Иран, додека оној во Либан стапи на сила кон средината на месецот.
И покрај ова, судирите меѓу различните страни во конфликтот продолжија.










