Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир го критикуваше договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан, постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави, оценувајќи го како „тешка грешка“.
Бен Гвир на платформата X изјави дека Хезболах не ја напуштил областа јужно од реката Литани и рече дека „се сомнева“ дека либанската армија може да ја отстрани групата од таа област.
„Државата Либан е партнер на Хезболах. Во нејзината влада има министри кои го претставуваат Хезболах, а семејствата на членовите на Хезболах служат во либанската армија“, истакна тој.
Според него, примирјето нема да го ослаби Хезболах, туку ќе му овозможи да „зајакне дополнително“ и Израел „практично да го прифати“ понатамошното постоење на таа група.
Бен Гвир предупреди дека Израел би можел да се соочи со посилен и поопасен Хезболах во иднина и оцени дека во одредени ситуации е потребно да се спротивстави на притисоците, вклучително и оние што доаѓаат од Соединетите Американски Држави.
Министерот за одбрана, Израел Кац, пак, денес изјави дека Израел засега ќе продолжи со воените операции на терен во јужен Либан, а раселените либански жители нема да можат да се вратат во своите домови.
Кац изјави дека израелските трупи ќе останат во таканаречената „безбедносна зона“ во јужен Либан, вклучувајќи ја и областа на замокот Бофор, средновековна тврдина заземена од израелските сили во текот на викендот.
Тој додаде дека Израел ќе продолжи да ја уништува она што ја нарече „терористичка инфраструктура“ во областа, со слобода на дејствување за одговор на напади врз израелски заедници и територија, со поддршка на Соединетите Американски Држави.
Според претходниот договор, примирјето беше условено со прекин на огнот од страна на Хезболах, додека договор за смирување на конфликтот беше постигнат по разговорите во Вашингтон.
Израел и Либан претходно постигнаа привремен прекин на непријателствата, кој беше продолжен, но борбите продолжија и покрај ова.









