Европското обвинителство денес соопшти дека отворило втора истрага за сомнежи за измама поврзана со средствата од ЕУ наменети за брзата железничка линија Мадрид- Севиља во Шпанија, по минатомесечната тешка несреќа..
Најновата истрага се однесува на финансирањето на обновата и надградбата на безбедносните системи, сигнализацијата и комуникациската инфраструктура на линијата.
Истражни дејствија се спроведувале во железничкиот инфраструктурен оператор АДИФ, Државната агенција за безбедност на железничкиот сообраќај и шпанскиот Суд за ревизија, соопшти Европското обвинителство.
Обвинителството наведе дека ја потврдува истрагата поради големиот јавен интерес, но дека во оваа фаза нема да открива дополнителни детали.
Истрагата следува по судирот на 28 октомври во близина на Урда, во покраината Толедо, во кој загинаа 69 лица. Тоа беше втората голема железничка несреќа на оваа линија годинава, по судирот во јануари во близина на Адамус, во јужна Шпанија, во кој загинаа 46 лица.
Посебна истрага беше отворена во март 2026 година поради сомнежи за измама поврзана со одржувањето на дел од железничката пруга во близина на Адамус.
Шпанскиот министер за транспорт, Оскар Пуенте, во вторникот поднесе оставка, наведувајќи дека не може да остане на функцијата по две несреќи со такви размери во период пократок од една година. Оваа недела оставка поднесе и претседателот на АДИФ.
Во одделен случај, поранешниот министер за транспорт Хосе Луис Абалос, кој ја извршуваше функцијата од 2018 до 2021 година, во јуни беше осуден на 24 години и три месеци затвор во корупциски случај поврзан со договорите за набавка на заштитни маски за време на пандемијата.



















