Потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, се обидува да изгради нов политички сојуз со разочараните поддржувачи на претседателот Доналд Трамп пред претседателските избори во 2028 година.
Според наводите на „Фокс њуз“, Венс почнал да ја обликува сопствената политичка порака по поразите на републиканците на среднорочните избори, одржани на 3 ноември, меѓу другото, изразувајќи несогласување со Трамп во врска со надворешната политика и односите на Вашингтон со Израел.
Наводно во Белата куќа бил одржан состанок со цел усогласување на пораките на претставниците на администрацијата по изборите на кои републиканците беа катастрофално поразени.
Венс објави четири чекори за враќање на гласачите: завршување на војната во Иран, фокусирање на трошоците за живот и инфлацијата, ставање на Америка на прво место и промена на односите со Израел, базирани на истражувања на јавното мислење.
„Причината поради која изгубивме е војната во Иран. И самиот претседател го кажа тоа синоќа“, напиша Венс.
Претставник на Белата куќа изјави дека овие четири задачи претставуваат повик за обединување на Венс до „новата десница“ – коалиција поврзана со првичното МАГА движење на Трамп, чии членови, исто така, сметаат дека Трамп е премногу наклонет кон Израел во надворешната политика.
Претставникот рекол дека пораката на Венс не претставува дистанцирање од Трамп, туку е насочена кон републиканците кои го поддржуваат претседателот, но не се согласуваат со неговата надворешна политика или сметаат дека тој ги предал.
Во одредени кругови Венс се смета за главен кандидат за наследник на Доналд Трамп во МАГА движењето, но неизвесно е како ќе се позиционираат останатите крила во Републиканската партија.


















