Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговораше со финскиот претседател Александар Стаб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе на нивно барање, соопшти Кремљ.
Лидерите разменија мислења за решавање на војната, земајќи ги во предвид разговорите на Путин со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, во Санкт Петербург на 21 октомври, како и контактите на Стаб и Стор со Виткоф и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Осло, информираат од Кремљ.
„Соговорниците го поздравија постигнатиот договор за продолжување на трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и САД во Абу Даби во првата половина на ноември“, се вели во соопштението.
Разговорите имаат за цел, меѓу другото, да ја гарантираат безбедноста на Русија и Украина по целосното прекинување на непријателствата.
Путин ја процени моменталната ситуација во зоната на конфликтот и потсети на „нејзините коренити причини“, се додава во соопштението.
„Беше нагласено дека постигнувањето праведен, долгорочен мир е можно само со целосно и безусловно земање предвид на легитимните интереси на Руската Федерација“, се вели во соопштението, опишувајќи ги политиките на ЕУ и НАТО како „конфронтациски“.
Лидерите разговараа и за безбедноста и стабилноста во регионот на Балтичкото Море и северна Европа.
„Претседателот на Финска и премиерот на Норвешка ја потврдија важноста на почитувањето на меѓународното поморско право и принципот на слобода на пловидба“, соопшти Кремљ.
Путин ги информираше двајцата лидери дека започнала хуманитарна операција со посредство на САД во реонот на населбата Олешки и дека за таа цел е воведено привремено прекин на огнот на Херсонскиот фронт, се додава во соопштението.
„Лидерите на трите земји се согласија да продолжат да одржуваат директни телефонски контакти“, соопшти Кремљ.






















