Од 1 мај ќе биде воспоставена директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват, која на почетокот ќе оперира двапати неделно, соопшти вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски.
По средбата со потпретседателот на Владата на Црна Гора, Филип Ивановиќ, Николоски истакна дека новата авионска линија ќе придонесе за зголемување на бројот на патници, туристичката размена и деловната соработка меѓу двете земји.
Тој најави дека во текот на следната година ќе биде организиран бизнис-форум на кој компаниите од двете земји ќе разговараат за нови можности за економска соработка.
Николоски се осврна и на инфраструктурното поврзување, посочувајќи дека изградбата на автопатот Скопје-Блаце, како и поврзувањето со пристаништата во Солун, Драч и Бар, се дел од напорите на Северна Македонија да обезбеди пристап до најмалку три пристаништа.
„Секако, зборувавме и за политичката соработка што е одлична и која ќе се надградува, честитавме за реформите што ги прави Црна Гора и за сето она што го има како огромно достигнување во делот на приближување кон Европската Унија, а јас се надевам и посакувам во текот на 2028 година Црна Гора да стане нов член на Европската Унија“, рече Николоски.
Николоски, исто така, кажа дека двете држави немаат отворени прашања, што остава голем простор за развој на соработка во другите области што се од корист на граѓаните.
Ивановиќ: ЕУ не може да биде целосна без сите држави од регионот
Од друга страна, пак, Ивановиќ рече дека Црна Гора е најнапредната земја во процесот на европска интеграција и очекува преговорите за членство да завршат до крајот на годината, а земјата да стане полноправна членка на ЕУ во 2028 година.
Тој рече дека ЕУ не може да биде целосна без сите држави од регионот.
„Откако Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската Унија, таа ќе биде силен застапник и извор на цврста поддршка и за Северна Македонија во процесот на европска интеграција, со желба што поскоро заедно да се најдеме во европското политичко семејство“, изјави Ивановиќ.
Зборувајќи за авионска линија меѓу Скопје и Тиват, тој рече дека воздушната поврзаност меѓу двете земји природно ќе го олесни патувањето за граѓаните, ќе придонесе за развојот на туризмот, ќе ги зајакне деловните врски и ќе отвори дополнителни можности за соработка меѓу институциите.
Ивановиќ додаде дека Северна Македонија може да биде сосема сигурна оти во Црна Гора ќе има доверлив партнер и пријател.























