Руската подружница на Google исплати речиси 16,8 милијарди рубљи (207,7 милиони долари) за казни изречени во Русија против американската компанија Гугл ЛЛЦ (Google LLC). Ова го изјави стечајниот управник на подружницата за време на судско рочиште, објавија руските државни медиуми во четвртокот.
Валериј Таљаровски, стечајниот управник на рускиот огранок, изјави дека до 20 септември на банкарската сметка на руската компанија „ООО Google“ пристигнале повеќе од 16,7 милијарди рубљи (206,5 милиони долари), пренесува државната новинска агенција РИА.
Околу 14,7 милијарди рубљи (181,7 милиони долари) од таа сума биле наплатени од страна на Федералната служба за извршители на Русија за покривање на казните изречени против матичната компанија, рече тој.
Извршителите исто така наплатиле повеќе од 2,1 милијарди рубљи (26 милиони долари) од должници на руската подружница врз основа на извршни исправи во нејзина корист. И овие средства биле искористени за плаќање на казните на американската корпорација, со што вкупниот износ на исплати достигнал речиси 16,8 милијарди рубљи (207,7 милиони долари).
Во текот на стечајната постапка, во стечајната маса на „ООО Google“ се слеале повеќе од 18,8 милијарди рубљи (232,5 милиони долари), изјави Таљаровски.
Преостанатите средства биле искористени, меѓу другото, за подмирување на тековните побарувања на Федералната даночна служба и за исплата на заостанатите плати на поранешните вработени, рече тој. Повеќе од 400 милиони рубљи (5 милиони долари) биле наменети за исплата на работниците.
Долгот на Google кон Русија по основ на административни казни достигна 2 ундецилиони рубљи и продолжува да расте поради доцнењето со плаќањето.
Вкупниот износ на казните го надмина вкупниот БДП на целиот свет, кој според податоците на Светската банка во 2023 година изнесуваше околу 106 трилиони долари. Оваа сума произлегува од спор што започна во 2020 година, кога Google почна да добива дневни казни од 100.000 рубљи (1.000 долари) откако изгуби судски спорови поврзани со блокирањето на одредени руски канали на YouTube, при што износот на казната се удвојуваше секоја недела.
По почетокот на руско-украинскиот конфликт во 2022 година, Јутјуб блокираше и други руски канали, со што бројот на тужители се зголеми на 17 руски канали.
Покрај тоа, Гугл редовно е казнуван поради непочитување на руското законодавство.























