Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) пресретнал и уништил дрон MQ-1 источно од Ормускиот Теснец, објави денес полудржавната новинска агенција ИСНА, повикувајќи се на оваа воена формација.
ИРГЦ соопшти дека ова е 14-тиот дрон MQ-1 што го пресретнал и уништил нејзиниот систем за противвоздушна одбрана.
Според ИСНА, инцидентот се случил во воздушниот простор источно од Ормускиот Теснец, спроти крајбрежната област Сириκ.
Дронот MQ-1 е беспилотно летало произведено во САД, иако ИРГЦ во соопштението не наведе кој управувал со него.
Инцидентот се случува во услови на сè поголем број показатели за можноста од нова офанзивна воена акција на САД и Израел против Иран.
„Волстрит џурнал“ во вторникот објави дека Вашингтон им порачал на неколку арапски земји од Заливот да се подготват за „кратка, интензивна воена кампања“ против Техеран по американските конгресни избори на 3 ноември.
Според наводите, американскиот претседател Доналд Трамп сè уште нема донесено конечна одлука, но се приклонува кон голем напад по изборите.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со ракетни напади и напади со беспилотни летала низ регионот и фактички го затвори Ормускиот Теснец, клучна рута за глобалното снабдување со енергенси.
Меморандумот за разбирање потпишан во јуни, кој требаше да го отвори патот кон конечен мировен договор, подоцна пропадна поради несогласувања, меѓу другото, и околу пловидбата низ Теснецот.






















